Свет
14. јуни 2017 - 15:57

Џон Мејџор „загрижен“ поради договорот на Меј со ДУП

Поранешниот британски премиер Џон Мејџор денеска изјави дека е „загрижен“ од потенцијалниот договор на актуелната премиерка Тереза Меј со северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), поради заканата овој договор да ја загрози мировната спогодба за Северна Ирска од април 1998 година.

Според Мејџор, зависноста на малцинската Влада на Меј од гласовите на десетмината пратеници на ДУП, ќе го оневозможи Кабинетот да биде „независен и чесен посредник“ меѓу протестантските унионисти и католичките републиканци, како што е тоа предвидено со спогодбата од Велики петок од пред 19 години.

Меј и натаму инсистира дека постизборниот договор за доверба со ДУП, не е лош, ниту пак го загрозува мировниот процес во Северна Ирска, но против него веќе се огласи и републиканската партија Шин Феин која со унионистите од ДУП ја дели власта во оваа британска покраина.

- Договорот со ДУП е пример за единството на луѓето во Британија, изјави синоќа во Париз Тереза Меј по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон.

Но, нејзиниот сопартиец и поранешен ториевски лидер и премиер Мејџор, предупредува на можните последици за состојбите во покраината.

Владата во Лондон е гарант на мировната спогодба од 1998 година, заедно со владата на Ирска, и посредник меѓу унионистите и републиканците секогаш кога ќе се појават прблеми.

Британската Влада може да воспостави „директна управа“ од Лондон врз Белфаст, доколку партиите кои ја сочинуваат владата, не може да постигнат договор од интерес за покраината.

По вонредните избори во Северна Ирска, на кои победи ДУП со само едно пратеничко место повеќе од Шин Феин, во Белфаст се уште нема влада, затоа што двете партии не може да се согласат околу изборнот на првиот министер.

Според мировната спогодба, тоа треба да биде некој од ДУП. Водството од оваа партија инсистира на Арлен Фостер, која е лидерка на ДУП, но републиканците одбиваат да соработуваат со неа, објаснувајќи дека токму поради нејзината вмешаност во еден локален корупциски скандал, падна претходната влада и се одржаа нови избори.

Фостер вчера во Лондон се сретна со Меј и двете се согласија дека договор ќе има наскоро, за подршката на малцинската британска влада.

Мејџор предупредува дека токму ваквата ситуација во Севрена Ирска, кеда веќе постои политичка криза повеќе од половина година, претставува проблем за Меј и закана за мировната спогодба.

Лидерот на Шин Феин Џери Адамс преттходно рече дека е сосема погрешно некоја северноирска партија да се врзува за лондонската Влада, па затоа е нејасно како оваа партија ќе реагира кога ДУП ќе се договори со Владата на ториевците, предводена од Меј.

Проблемот се усложнува со различниот приод на двете главни партии во покраината, кон Брегзит. ДУП се определи за излегување на Велика Британија од ЕУ, но 56 отсто од Северноирците гласаа за останување на земјата во Унијата.

ДУП стравува дека Брегзит и повторното воспоставување гранична контрола меѓу двете ирски територии, можат да ги покренат аспирациите за обединување на Ирска, па затоа партијата се противи на давање посебен статус за Северна Ирска, откако Велика Британија ќе излезе од ЕУ.