Македонија
24. May 2018 - 21:08

Џип-рели „Калин Камен 2018“ – авантура низ Осоговските Планини

Јубилејна, десетта година по ред, на Денот на Сесловенските просветители, 24 мај, во Крива Паланка се организира спортско-рекреативната манифестација Рели „Калин Камен 2018“ која се одржуваа под мотото „Да ги запознаеме убавините на Осоговските Планини“.

Организатори на релито се општина Крива Паланка и Здружението на граѓани Авто мото клуб „Офф -роад Осогово“, а настанот е со ревијален карактер.

Поттикнати од предизвикот кој го нуди несекојдневната авантура, возбудата на четири тркала да се мине низ пејзажните крајолики предели, стрмнини, угорници и удолници, полјани и шумски честаци во височините на Осоговието, и годинава над петстотини љубители на офф-роад предизвиците со 4×4 возила, моторцикли, џипови, пристигнаа рано утринава во Крива Паланка и ги опробуваа своите нови-специјално набавени, како и своите искусени и проверени возила.

Стартот на трката е на Кривопаланечкиот градски плоштад, а оваа година имаше учесници од Кичево, Штип, Пробиштип, Охрид, Битола, но и од Трговиште, соседна Србија и од Бугарија.

- Релито е предизвик, авантура, инспирација, неповторливо уживање во сите ретки убавини на Осоговието. И годинава одѕивот е голем, а досега, за деветте години учествувале над 5.000 учесници, изјави Аце Ристовски, од офф роад "Осогово".

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека во годинашните над петстотини учесници покрај претставници на државни и локални институции, има гости и од речиси сите градови од државата, како и гости од Бугарија и Србија.

- Задоволство е да се видат толкав голем број посетители во градот и убавините на регионот, а манифестацијата е бренд кој одбележува една деценија постоење - промовирање на Крива Паланка. Благодарност и до генералните спонзори кои ја поддржаа манифестацијата годинава, изјави Мицевски.

Должината на патеката е 74 километри, 80 отсто од патеката е неасфалтиран пат, висинската разлика е 1.500 метри со највисока точка Царев Врв на 2.085метри надморска височина.

Организаторите ги поканија сите заинтересирани учесници да се пријават и да ја искористат несекојдневната можност да уживаат во убавините на Осоговските Планини.

Патеката започнува на плоштадот во Крива Паланка, поминува низ прекрасните предели на Осоговските Планини, завршува во манастирот Св.Јоаким Осоговски, а на Царев Врв се придруживаат учесници и од Кочани и Македонска Каменица.

Рели „Калин Камен“ има за цел да ги промовира културно-историското и природното наследство на регионот.

- Девет години по ред сум организатор на релито и учествувам секоја година, но годинава од оправдани причини сум спречен да присуствувам на јубилејното „Рели Калин Камен 2018“. Во нашето здружение „Оф Роад Осогово“ како организатор на оваа манифестација сме горди што имаме низа успешни изданија и што ова рели стана своевиден бренд на градот. Секоја година имаме од 100 – 120 теренски возила, односно џипови и околу 60 мотори. Посебно задоволство е масовноста на релито. Имено, секоја година присуствуваат од 400 – 500 луѓе од сите генерации, од градот, соседните градови, но и од други држави. Покровител на манифестацијата е општина Крива Паланка, рече Спасе Алексовки претседател на кривопаланечкиот авто-мото клуб „Оф Роад Осогово“.

На крајот на релито сите учесници пристигнуваат на заеднички ручек во манастирот св. Јоаким Осоговски, каде организаторот подготвува манастирско гравче.