Македонија
7. September 2019 - 14:27

Џип од отпад е главна атракција на Изложба на олдтајмери во Кавадарци

– Џип од отпад е главна атракција на Изложба на олдтајмери во Кавадарци, што се одржува во рамки на манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер”.

Освен што го привлекува вниманието со годините, има и интересна приказна. Негов сопственик е полицаецот Пепи Ганчев.

-Овој џип ,,willys cj” е од 1947 година. По Втората светска војна, бил подарок од Американците за македонскиот народ. Бројни години успешно и служел на македонската полиција. Во колку полициски авантури учествувал, само тој си знае. Едно време бил заменет со други возила со понов датум на производство, па завршил во отпад. Оттаму го спасил токму полицаецот Милорад Ефремовски, од кој пак подоцна го купив јас, за МИА откри Ганчев, кој е љубител на џипови и веќе има реставрирано еден фамилијарен, но има изработено и еден мал, за своите малолетни деца.

Според него, има некоја посебна убавина во старите возила, кои не губат од својата вредност со староста.

– Барем за оние како мене, кои се љубители на вакви старудии. За некои се само старо железо, но за познавачите на историјата на возилата, тие се експонати кои заслужуваат внимание, нагласи Ганчев.

И она што е најинтересно. За него и за неговите синови на кои им ја има пренесено страста кон миленичињата на четири тркала, ова е, како што рече, животен предизвик.

– Не е шега, со моите синови кои имаат седум и 11 години, се договоривме во наредните години да го дотераме малку овој џип. Да ја задржи автентичноста, да добие на атрактивност, за да може со него да бркаат девојки, додаде Ганчев.

Инаку, џипот е скоро дупло постар од сопственикот кој има 38 години.

На изложбата има вкупно 45 возила кои го привлекуваат вниманието на посетителите од сите возрасти.