Свет
24. January 2017 - 17:46

Џина Милер: Одлуката на Врховниот суд покажува дека ставот на премиерот не е несоборлив

Покренувачот на иницијативата за испитување на законитоста на владината одлука за Брегзит, Џина Милер, изјави дека денешната одлука на Врховниот суд на Велика Британија, со која се налага процесот за излегување од ЕУ да почне со согласност и одобрување на британскиот Парламент, покажува дека ставот на премиерот не е несоборлив.

Изјавата на Милер, менаџер во лондонски инвестициски фонд, претставува реакција на инсистирањето на премиерот Тереза Меј дека покренувањето на членот 50 од Лисабонската спогодба и покренувањето на Брегзит, не е во надлежност на Парламентот.

Позицијата на Меј беше дека владата , за покренувањето на тој процес, има мандат од гласачите кои на референдумот од 23 јуни, со не големо мнозинство, гласаа за излез на Британија од ЕУ.

Врховниот суд денеска го отфрли таквото толкување и ја потврди претходната одлука на Вишит суд од Лондон кој во ноември минатата година, прв пресуди дека владата не може сама, без Парламентот да почне со Брегзит.

Таквото решение на Вишиот суд предизвика гневна реакција на владата, посебно на министрите кои агитираа за Брегзит.

Премерот Меј, од своја страна, тогаш ја оцени пресудата како „сосема погрешна„ и навести веднаш жалба до Врховниот суд, уверувајќи ја јавноста дека највисокиот судски орган „сигурно ќе ја исправи грешката“ на Вишиот суд.

Антиевропските таблоиди ги осудуваа судиите од првостепениот суд, додека проконзервативниот „Дејли Меил“ отиде чекор понатаму- па ги означи судиите како „непријатели на народот“.

Одбивајќи ја денеска жалбата на владата, со 8:3 гласови на судиите, Врховниот суд објасни, како и Вишиот суд, пред неколку месеци, дека при одлучувањето, не му се судело на референдумот, ниту пак судот можел да ја поништи одлуката на гласачите.

Милер во изјава за телевизија Скај рече дека создадената антиевропска хистерија предизвикала таа да се најде во улогата на „виновник“ и да биде обвинувана дека води кампања по судовите за да се „поништи волјата“ на Британците.

- Нашата цел не беше тоа. Ние не сакавме да се негира Брегзит, туку да се негира позицијата на британската влада дека таа е над законот и над Парламентот. Пресудата на Врховниот суд само покажува дека бевме во право со покренувањето на постапаката, изјави за Скај , Џина Милер.