Македонија
13. јуни 2019 - 16:41

Џесика се удави обидувајќи се да ја спаси помалата братучетка, семејството бара одговорност

Роднините и пријателите попладнево беа собрани во домот на семејството Мемишовски кои скршени од болка денеска ја испратија 13-годишната Џесика кон нејзиното вечно почивалиште. Девојчето вчера се удави во базенот „Довлеџик“ во Битола во обид да ја спаси од давење својата помала братучетка, раскажува нејзиниот чичко.

-Пошле до базенот да се оладат. За да не умре малото девојче, Џесика стана се фрли за да го спаси. И таа почина, поголемата. Како влегоа таму децата, како успеаја, нема обезбедување таму. Ако нема обезбедување, смее тој базен да се затвори, не смее да биде отворен, Феим Мемишовски, чичко на Џесика.

Таткото на Џесика вели дека болката која ја чувствува не може да се опише и бара одговорност за трагедијата.

-Тој фактички не е заштитен, ни ограда добра, 24 сати е отворената вратата и плус стражар гарантирам дека има. Како можи да не ги види 20-30 деца. Да било едно, нема да се види, а овие биле 30 деца. Гарантирам со живот дека имаше полнолетни луѓе, ме гледаа од далеку, јас барав помош од нив да се најде мојата ќерка кај е, но никој не дојде да ми помогне. А и барам уште еднаш да се провери тој базен како е заштитен, под кои услови, дали има надзорни камери, и дали има обезбедување, дали работи 24 часа или еден час. И дали стражарот бил тука во моментот сакам да знам, вели Северџан Мемишовски, татко на Џесика.

Инаку базенот „Довлеџик“ во моментот не е отворен за посетители. Концесионерот преку Фејсбук изрази сочуство до семејството истакнувајќи дека се оградуваат од одговорност бидејќи под концесија ги имале објектите околу базенот, а не самиот базен, за што велат дека е склученј писмен договор. Велат дека немаат намера да организираат активности поврзани со базенот, затоа не се наметнувала обврската за обезбедување и спасувачка служба бидејќи не постоела продажба на карти, ниту служба за обезбедување. Велат, со месеци наназад означиле дека базенот не е во функција, и како шт велат, според нивни сознанија, девојчето влегло неовластено без присуство на возрасно лице.

Од ЈП „Стрежево“ во чија сопственост е комплексот вклучувајќи го и базенот, велат дека ќе го разгледаат договорот за концесија кој е потпишан во 2017 година на 15 години. Директорот Граматковски потенцира дека водата од базенот „Довлеџик“ не смее да се испушта затоа што таа се користи како резерва доколку снема вода,  таа вода се испушта во каналот за наводнување или за потребите на РЕК Битола. Но исто така, водата од овој базен често се користи и за полнење вода при гасење пожари.