Свет
3. February 2016 - 18:43

„Џенерал Електрик“ се откажува од штедливите светилки

До пред неколку години штедливите компактни флуоросцентни светилки (ЦФЛ) се нудеа како исплатливо решение за замена на стандарните сијалици, но со појавата на ЛЕД лампите нивните цени драстично се намалија и сега станаа се помалку исплатливи за производителите, наведува „Њујорк Тајмс“.

Поради овие причини, според весникот, американскиот гигант „Џенерал Електрик“ донел одлука до крајот на годинава да прекине со производство на ЦФЛ и целосно да се преориентира на новите ЛЕД светилки.

- Сега е вистинско време да се премине од ЦФЛ на ЛЕД светилки, изјави шефот на Одделот за оперативни потрошувачи и конвенционално осветлување на ГЕ, Џон Стрејник. 

Според податоците на американската Национална асоцијација на производителите на електрична енегија, во 2014 година на ЛЕД светилките отпаѓале само пет проценти од вкупно продадените сијалици на пазарот во САД.   

Од друга страна, во третиот лански квартал е регистриран раст на продажбата на овие светилки за 237 отсто во однос на истиот период во 2014 година. 

ГЕ не е прв енергетски гигант што се откажува од производството на ЦФЛ светилките. Минатата година тоа го стори и „Идеа“ која целосно премина на производство на ЛЕД светилки. 

- Во вакви услови на полиците на трговските гиганти, вклучувајќи го и „Волмарт“, има се помалку ЦФЛ светилки, наведува „Њујорк Тајмс“.