Македонија
11. July 2019 - 18:15

Џафери во Сребреница: Регионот се менува кон подобро, има нови генерации политичари со отворен ум

Претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери денеска на одбележувањето на 24-годишнината од геноцидот во Сребреница, изрази надеж дека Балканот повеќе нема да биде „буре барут“ и дека регионот се менува кон подобро.

– Да се биде денес тука, на ова тажно место, место кое одекнува со тишина која е погласна од најголемиот татнеж е болно чувство. Тагата и болката се чувствуваат во секој здив што се зема, на секој чекор што се прави на ова тло. Сепак, треба да се биде силен и да се направи достоинствен чекор, да се оддаде почит на жртвите, на знајните, на незнајните, на откриените и се уште неоткриените за да покажеме на дело дека сме свесни за огромната човечка трагедија, да покажеме дека имаме човечка и морална одговорност и почит, да се охрабриме и заложиме за никогаш да не се заборави, никогаш да не се заборави за никогаш повеќе да не се повтори!, рече Џафери.

Тој, како што соопшти собраниската прес-служба, изрази надеж дека регионот се менува на подобро, и како што рече, работите веќе се гледаат низ една поинаква призма, новите генерации на политичари се со отворен ум, јасен светоглед, зборуваат за свет без граници, безброј можности за учење, истражување, работење и развивање на младите, за крила широко отворени и високи врвови за достигнување.

– Сите ние чии што предци живееле тука, и ние што сега живееме и твориме на ова парче од Земјината топка и чии што деца и внуци се надеваме ќе продолжат да даваат живот на ова поднебје, за жал живееме обележани со поимот дека Балканот е „буре барут“, лонец кој постојано врие и дека тука секогаш може да избие конфликт. За жал, историјата тоа го потврдуваше со ужасните воени конфликти кои го држеа вниманието на јавноста фокусирано кон нас. Премногу крв се пролеа, премногу солзи потекоа. Премногу неповратно изгубени човечки животи, непроживеани младости, радости, семејни среќи и љубови… А толку многу можеме! Толку добро се познаваме меѓу себе, познати сме по гостопримливоста, по топлиот и грижлив однос, невообичаен дури за некои други делови на планетата Земја, знаеме како да се радуваме заедно и како да тагуваме, затоа што сме пред се луѓе, соседи, пријатели а можеби и роднини, рече во обраќањето Џафери.

Апелираше до сите што се активно вклучени во донесувањето одлуки, во насочувањето на јавното мислење и придонесуваат кон градење и развивање на односите помеѓу земјите во регионот, да се посветат максимално на градење вистински релаксирани, демократски општества, со владеење на правото и почитување на човековите слободи и права, почитување на различните и обѕири кон послабите, немоќните, затоа што, рече, ги имаме сите услови да бидеме пример за регионот и за светот.

– Пример за добрососедски односи, за регионална соработка, за заеднички напредок на државите поединечно и на регионот во целост, заедно со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја држава поединечно затоа што, како што реков на самиот почеток, имаме човечка и морална одговорност да не дозволиме никогаш да се заборави, никогаш да не се заборави за никогаш повеќе да не се повтори!, заклучи претседателот на Собранието Џафери на одбележувањето на 24-годишнината од геноцидот во Сребреница.