Македонија
23. March 2018 - 15:43

Џафери - Танги: Се интензивира парламентраната соработка меѓу Македонија и Франција

Претседателот на Собранието Талат Џафери, на денешната средба  со Лилиана Танги, пратеничка во Националното собрание на Француската Република, потпретседателка на Комисијата за европски прашања и на Групата за соработка со Собранието, ја поздрави континуираната француска поддршка на евроатланската интеграција на Македонија. 

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери истакна дека од особена важност е јакнењето на меѓупарламентарните односи на двете држави, како и заемната поддршка во рамките на мултилатералната соработка. Притоа, како важен сегмент на натамошното унапредување на заемните односи ја спомна парламентарната дипломатија, преку чии методи на комуникација ќе се овозможи конструктивна и стабилна соработка.

Џафери информираше за очекувањата за добивање позитивен извештај од Европската комисија со безусловна препорака за отпочнување на преговорите, како и заокружување на процесот на евроатлантската интеграција со полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата.

Пратеничката Танги го поздрави напредокот на Република Македонија, кој споредено со минатогодишната состојба после немилите настани во Собранието е доста забележителен и ги пренесе заложбите на француското Собрание за реализирање на реформските процеси кои ќе доведат до побрза евроинтеграција на Република Македонија.

- Со тоа, земјата пред се, ќе покаже спремност да ја ревитализира правната држава и основните принципи на демократијата, а воедно тоа ќе доведе до финалниот резултат - полноправно членство во Унијата, смета Танги.

Како пратеник во француското Собрание, се наведува, таа е активно вклучена и во Комисијата за  надворешна политика каде е воедно и известител за Западен Балкан и е во тесна соработка со Кабинетот на францускиот  претседател во однос на следењето и реферирањето за состојбите во овие држави, вклучително и за Република Македонија.

Танги, се посочува, истакна дека ги поддржува неговите перцепции и заложби за иднината на Европа во целост, а тоа е дека преку граѓанска дебата треба да се убеди јавноста во Европа дека проширувањето на Унијата со државите од Западен Балкан е оправдано, очекувано и е во полза на сите.

- Соговорниците споделија видувања за силната улога на парламентите во градењето на позитивно и високо мислење за законодавната процедура, за нужноста од почитување на Деловникот и Уставот и неопходноста од конструктивна соработка меѓу власта и опозицијата за дебатирање по важни законски решенија. Воедно ја истакнаа потребата од интензивирање на контактите меѓу Собранието на Република Македонија и Националното собрание на Француската Република на највисоко, но и на ниво на пратеничките групи за соработка, како значајна алка во севкупната меѓудржавна соработка, стои во соопштението.