Македонија
25. May 2018 - 10:21

Џафери се сретна со потпретседателот на српското Собрание, Маринковиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери во рамки на официјалната посета на Република Србија, се сретна со потпретседателот на Народното Собрание на Република Србија, Владимир Маринковиќ.

На средбата присуствувале и членови на пратеничките групи за соработка на собранијата на двете држави.

Од Кабинетот на Џафери соопштија дека средбата се одвивала во срдечна и пријателска атмосфера, што укажува за блискоста и заедничките врски на двете соседни земји кои имале заедничко минато во блиската историја.

Соговорниците заеднички констатирале дека постои желба за заемна соработка и искористување на сите потенцијали и ресурси за континуирано унапредување на меѓусебните односи на двете пријателски и соседни земји, со што би се охрабрил и поттикнал просперитетот на двете држави, меѓутоа и на регионот.

Џафери во СрбијаОд Кабинетот на Џафери наведуваат дека добра основа за постигнување на оваа цел е продолжувањето на практиката на одржување на заеднички седници на двете влади на кои би се разгледувале прашања кои се од интерес за развојот на двете земји. Џафери истакнал дека двете земји мораат да промовираат добрососедски односи и да настапуваат заеднички таму каде што имаат исти приоритети, како што е членството во ЕУ и заеднички да аплицираат пред трети страни за привлекување на инвестиции за напредокот на регионот.

Претседателот на Собранието на Република Македонија се сретнал и со претседателката на Интерпарламентарната унија, Габриела Куевас Барон, која била во Белград во рамките на Регионалниот семинар на ИПУ на тема „Парламентарна соработка за одржлив развој: Борба против сиромаштијата и унапредување на здравството“.

Џафери присуствувал на отворањето на семинарот на кој што биле присутни и пратениците од Собранието на Република Македонија. Тој ја информирал Барон за преземените чекори во Собранието во насока на подобрување на застапеноста на жените во политиката и за конкретниот резултат од тие чекори, односно постигнување на 40 отсто застапеност.

Друг конкретен чекор во позитивна насока, како што се посочува, е и заложбата Собранието на Република Македонија сериозно да се реактивира во сите меѓународни организации, затоа што тоа се форуми на кои се воспоставуваат директни контакти и соработки меѓу парламентарците, а парламентарната дипломатија е најдобриот начин за тоа. Во тој контекст, претседателот Џафери понудил Собранието на Република Македонија да биде домаќин на некој од следните регионални семинари на ИПУ за теми кои би се договориле во текот на следниот период.

Претседателката Барон се заблагодарила на честитките и поддршката за нејзината кандидатура и зборувала за нејзините приоритети во однос на ИПУ, унија која е родена на Балканот, а тоа се: модернизирање на ИПУ и изнаоѓање на начин за вклучување и на земјите кои што не се членки на ИПУ со поднесување на амандмани за кои би се дебатирало на следната сесија. Идејата за проширување на групата 12 плус, а Македонија да биде земја кандидат, за неа била добродојдена. Таа ја поздравила и идејата Македонија да биде домаќин на следен регионален семинар, бидејќи за неа е битно Македонија да биде секогаш активна во ИПУ.

На крајот на официјалната посета на Република Србија, Џафери го посетил Прешево, каде бил пречекан од градоначалникот на таа општина, Шќиприм Арифи, претседателот на општинскиот совет, Сами Салиху и целото општинско раководство.

На средбата, Џафери ги информирал соговорниците за најновите податоци во однос на иницијативата за отворање на граничниот премин Миратовци – Лојане, што е суштинска потреба на локалното население од двете страни на границата. Градоначалникот Арифи го информирал Џафери за меѓуграничната соработка на општина Прешево и неколку општини од Македонија со кои соработуваат и заеднички настапуваат за добивање на ИПАРД фондови.

Покрај одржаните средби Џафери дал интервјуа за неколку српски медиумски куќи, со што ја заокружил официјалната посета на Република Србија.