Македонија
17. September 2019 - 14:21

Џафери се сретна со новоименуваниот кинески амбасадор Џанг Ѕуо

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, Џанг Ѕуо.

Честитајќи му од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и од свое лично име на новата функција и посакувајќи му успешна дипломатска мисија, претседателот Џафери истакна дека, амабасадата на НР Кина во континуитет ги поттикнува и значајно придонесува за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.

Тој изрази надеж дека, развојот на економската соработка ќе биде високо и на агендата на амбасадорот Џанг и дека тоа ќе резултира со зголемување на бројот на кинеските компании кои ќе го најдат својот интерес во Република Северна Македонија.

Претседателот Џафери изрази и надеж дека, покрај билатералната соработка во областа на науката, образованието, културата, одбраната, земјоделството, туризмот, здравството и медицината ќе продолжи и соработката во рамките на Процесот за соработка на 17 држави од Централна и Источна Европа и НР Кина.

Амбасадорот Џанг ги пренесе поздравите од претседателот на Сèкинескиот Народен Конгрес, Ли Џангшу и од претседателот и потпретседателот на Кинескиот народен политички консултативен совет, Ванг Јанг и Џанг Чингли, со кои високата делегација на Собранието на Република Северна Македонија предводена од претседателот Џафери се сретна за време на официјалната посета на Кина во јуни оваа година.

Амбасадорот Џанг, се осврна на одличната соработка меѓу двете држави, на која подвлече дека Кина посветува особено внимание. Тој исто така ја поздрави соработката во рамките на Процесот 17+1 и изрази надеж дека, таа ќе се интензивира во наредниот период со цел да се постигнат конкретни резултати до следниот состанок на Процесот кој ќе се одржи во Кина, а со кој ќе раководи претседателот Си Џинпинг.

Амбасадорот Џанг истакна дека, во следниот период ќе работи и на интензивирање на соработката во законодавната сфера.