Македонија
21. August 2020 - 21:19

Џафери повторно избран за спикер - ВМРО-ДПМНЕ и Левица против, коалицијата ААА го напушти гласањето

Втор спикерски мандат за Талат Џафери. Пратениците од Алијанса на албанците и Алтернатива остана доследни на зборот и не присуствуваа на гласањето. Џафери даде свечена изјава пред пратениците кои го дадоа гласот за него. 

Пратениците од ВМРО ДПМНЕ по гласањето незадоволни ја напуштија седницата но потоа се вратија назад за гласање на собраниско тело. Талат Џафери по седницата даде збор дека претседател на парламентот  ќе биде во служба на сите 120 пратеници без разлика што дел од нив не гласале за него. 

Седницата почна со задоцнување, а пратениците не пропуштија и на првиот работен ден да ги спротистават ставовите. Опозицијата се осврнуваше главно на несогласувањата во предизборниот период кои ги имаа коалиционите партнери за старо новата влада. За пратениците од опозицискиот блок, Џафери не ја заслужувал функцијата спикер, бидејќи во претходниот негов мандат биле донесени обемни закони по скратена постапка.  

Во овој парламентарен состав има пратеници кои прв пат добиваат столче во законодавниот дом. Меѓу нив се универзитетски професори, истакнати во областа на правото кои најверојатно ќе внесат нова енергија во парламентот.

Наредната недела се очекува да биде закажана седница на која мандатарот Влада Зоран Заев  треба да го поднесе предлогот за Влада.