Македонија
29. November 2022 - 21:02

Џафери: Поддршката од ЕП за демократијата на Северна Македонија и значи многу

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери денеска учествуваше и се обрати на Конференција европскиот парламент „Поддршка на парламентарната демократија ширум светот: Градење демократска отпорност“.

Поддршката од Европскиот парламент за демократијата, рече Џафери, на мојата земја, Северна Македонија, и значи многу и затоа сум убеден дека во иднина ќе продолжи да се развива, како со Групата за демократија и избори, така и со Европскиот парламент и следствено, со Европската Унија.

-Некој би помислил дека „добивањето“ на поддршката за демократијата е само едностран процес во кој ние како земји само „чекаме“, но, не е така. Дозволете ми да изнесам една друга формулација која според мене попрецизно го одразува овој сооднос – ние бевме и ќе продолжиме да бидеме во „партнерство за демократија“ со Европскиот парламент, работејќи заедно на зајакнување на демократските сили во Собранието на Северна Македонија и во нашето општеството во целина. Затоа што, колку ефект би имала поддршката за демократија доколку истата не се одвива во партнерски сооднос? Демократијата не е предмет кој што може да се извезува и следствено, увезува. Таа не може ниту да се наметне однадвор туку, мора да најде плодна почва внатре и посветено да се негува. Затоа што, на крајот  на денот, секое општество мора само да го избере својот курс. Затоа што тоа е во сржта на демократските општества – правото на поединецот да го избере својот начин на живот и правото на државата да го избере сопствениот правец, сопствената иднина, истакнува Џафери.

Локалната сопственост, додава, е во сржта на овој процес, и тоа не како нешто за кое само треба да се зборува, туку како водечки принцип во сите активности за поддршка на демократијата.

-Почитуваниот Пат Кокс даде одлична слика за предизвиците на демократијата со кои се соочуваме денес. И навистина, кризите доаѓаат една по друга. Сè уште не сме закрепнале од социјалната и економската тешкотија што ја предизвика пандемијата, ние веќе се соочуваме со нова криза од иста големина. Руската нелегална агресија против Украина, претворањето на енергетската и прехранбената безбедност во оружје и дезинформациите од размери какви што досега не сме виделе се константни предизвици, рече претседателот на Собранието.

Тој во обраќањето се осврна и на војната во Украина. Тоа, нагласи, не е само конфликт меѓу две земји, ниту пак конфликт на Истокот наспроти Западот. Тоа е конфликт помеѓу два различни начини на живот, две различни групи на вредности.

-Станува збор за начин на живот заснован на демократски правила наспроти авторитарниот систем каде што поимот „може“ го надминува секој поим за „право“. Меѓутоа, не треба да заборавиме дека демократиите беа во опаѓање многу пред 24 февруари. Доволно е само да се погледне насловот во публикацијата Економист од 9 февруари оваа година каде стои, „Ново ниско ниво за глобалната демократија“. Секако, пандемијата беше огромен извор на оптоварување на демократската слобода ширум светот, имаше помалку демократии а повеќе хибридни и авторитарни режими по нејзините последици, вели Џафери.

Затоа, нагласува, прашањето, со кое се соочуваме овде денеска, е што да правиме во следните 10 години, како да се приспособиме на нестабилните геополитички околности во годините што доаѓаат, како да помогнеме да заживее демократијата во нашето соседство и во светот.

-Мора да имаме на ум дека ова не е прв пат да се оспорува демократијата и сигурно нема да биде ниту последен. Верувам дека треба да се навратиме на основите, дека треба уште еднаш да објасниме зошто веруваме дека демократијата е најдобриот и единствениот начин на организирање на општествата на начин кој на секој од нас му овозможува право да живее по сопствен избор. Треба неуморно да објаснуваме, одново и одново, кои се демократските вредности кои го поткрепуваат нашето општествено уредување, нагласи Џафери во обраќањето на конференцијата.

Треба, потенција тој, да демонстрираме како демократијата, еднаквоста и владеењето на правото прават разлика во животот на луѓето. Треба да признаеме дека сме свесни дека демократијата не е совршен систем, туку е незавршена работа која изискува активно граѓанство за да може да напредува и да се обновува.

Џафери говореше и за европскиот пат на земјава и нагласи дека таа не се определила за него само поради географската близина и предиспозиција.

-Таа го избра европскиот начин на живот, неговите слободи, го избра својот просперитет, мир и збирот на европски вредности. Оттука, кристално јасно ни е дека демократските парламенти се столбот на европскиот систем на вредности и ја користам приликата да се заблагодарам на Европскиот парламент за тоа што ги стави партнерските парламенти во центарот на неговите активности а за поддршка на демократијата. Затоа што, само силен, демократски парламент е централниот форум за здрава, демократска дебата каде што ние, демократски избраните претставници, дебатираме, расправаме, дури и се караме за на крај да правиме компромиси за доброто на нашите граѓани, нагласи Џафери.

Тој додаде дека при тоа, не е неопходно да бидеме униформни, затоа што, според него,  различни цели ни се приоритети и сите имаме различни начини на постигнување на тие приоритети. Но, потенцира, неопходно е да имаме дијалог и решителност да работиме во рамките на парламентите како основни форум на демократската дебата која треба да ја понудиме на нашите граѓани.