Македонија
28. January 2020 - 18:42

Џафери: Парламентите имаат клучна улога за градењето на консензус преку континуиран и инклузивен дијалог

Несомнена е клучната улога на парламентите и зајакнувањето на парламентарната димензија на процесот на проширување и парламентарната демократија, на развојот на парламентарната култура заснована на градењето на консензус преку континуиран и инклузивен дијалог, бидејќи само така парламентите можат да бидат вистински и ефикасни двигатели на реформите, порача претседателот на Парламентот, Талат Џафери во обраќањето на Самитот на претседатели на парламенти од Западен Балкан организирана од Европскиот парламент.

Собранието на Република Македонија, рече Џафери, е целосно посветено на градење силен, функционален и независен Законодавен дом, претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт, што ќе може квалитетно и континуирано да ја извршува својата функција.

-Во тој контекст, можам да потврдам дека целите што ги поставивме заедно со претседателството уште на самиот почеток на новиот парламентарен состав, а тоа се независност од финансиски, административен и од аспект на обезбедувањето на законодавниот дом, полека се реализираат. Неодамна го донесовме Законот за Собрание со измени и дополнувања во делот на службата, а во тек е и процесот на отворање на Парламентарна буџетска канцеларија. Работиме посветено и за тоа од огромна важност се програмите за парламентарна поддршка и градење на капацитети кои се спроведуваат на локално и регионално ниво, како што е и Дијалогот Жан Моне, што е инструмент развиен од Европскиот парламент како алатка на меката моќ во областа на парламентарната медијација и дијалог и е комплементарен на севкупните приоди за поддршка на демократијата во ЕУ, рече во обраќањето претседателот на Собранието, Џафери.

Тој потсети дека досега се одржани два Дијалога, а на 31 јануари ќе се одржи третиот Дијалог Жан Моне, на кој ќе се продолжи со работа и постигнување консензус за Деловникот и посветеноста на сите страни на овој процес говори само по себе дека сите сакаме и придонесуваме за функционално Собрание, функционални институции и задоволни граѓани на европска држава со европски стандарди, услови и можности за живот на нашите граѓани и нашата младина.

Тој во обраќањето потсети и на, како што рече, разочарувачката одлука на Европскиот совет да не и даде датум за преговори на земјава и оти тогаш претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли истакнал дека една можност е изгубена, но оти ќе биде направено сè да се создаде нова можност.

Оваа иницијатива, додаде Џафери, е поставувањето на основата за токму таквата можност, а конкретно денес, за развојот на стратегијата за улогата на парламентите во напредувањето на реформската агенда за ЕУ и во испорачувањето на конкретните мерки кои ги исполнуваат европските аспирации на граѓаните од регионот.

-Верувам дека нема потреба да елаборирам за разочараноста на граѓаните на Република Македонија бидејќи, оправдано очекувавме признание за остварените реформи и за сериозните политички одлуки кои ги донесе земјата за исполнување на предусловите за позитивна одлука. Очигледна беше и јавно искажаната разочараност на најголемиот број на земјите членки на Европската Унија, убедени дека земјата е подготвена да го почне пристапниот процес. Нарекувајќи го чинот на недоделување на датум на Македонија и Албанија како стратешка грешка која има штетен ефект и на кредибилитетот на Европската унија ако се има предвид дека интегрирањето на земјите кои ги исполниле потребните предуслови и овозможува на ЕУ да ја задржи својата меѓународна улога и штитење на своите интереси, меѓутоа и на земјите кандидати бидејќи процесот на интегрирање всушност има ефект на трансформација на истите, се донесе Резолуцијата на Европскиот парламент за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија со јасно искажана поддршка, рече претседателот на Паралементот.

Џафери потсети и дека пред две недели, во прва официјална посета надвор од Европската унија, а во знак на почит кон нашата посветеност, во земјава беше и комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, Вархели, кој ја објаснил новата методологија за процесот, што би ја претставил на крајот на месецот, со перспектива до март да се создадат можности за отворање на пристапните преговори пред Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020.

Посветеноста и сериозниот пристап на сите чинители кон ова прашање, додада Џафери, јасно ја потврдува заемната поддршка, потреба и јасна визија и цел, односно интегрирање на регионот на Западен Балкан во европското семејство за доброто на регионот и Европската унија.