Македонија
10. November 2017 - 16:32

Џафери најави промени во собранискиот деловник во 3 негови делови

Кој треба да ја свика конститутивната седница по изборите кога треба да се верификуваат мандатите на пратениците и колку таа ќе трае. Овие се прашањата кои ќе се допрецизираат во Деловникот за работа на парламентот. Талат Џафери најави измени на актот според кој работи Собранието.

Одредбите за конститутивната седница иако таа веќе е дефинирана со Уставот и со Деловникот ќе се менуваат поради проблемите со конститутивната седница за овој паралемнтарен состав во април годинава.

Освен првата пленарна седница, ќе се менуваат и одредбите во Деловникот кои се однесуваат на формирањето на пратеничките групи. Џафери најави дека измените би требало да бидат во насока на дефинирање колку пратенички групи би можеле да се формираат во рамките на една коалиција или една партија кога тие бројат повеќе од пет пратеници. Оваа промена е поради ситуацијата со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ која формираше десет пратенички групи.

Третата измена ќе се однесува на бројот на реплики и контрареплики, како и ограничување на можноста да се реплицира на пратнеик од иста пратеничка група.

За деловничките измени веќе била формирана работна група составена од претставници на сите политички партии, а се очекува нацрт верзијата да биде дефинирана додека Собранието ќе го разгледува буџетот во наредните две недели.

Џафери најави дека долку опозцијата не се согласи со измените не е спорно Деловникот да биде донесен и без нејзина поддршка.

Од друга страна, тој на брифинг со новинарите откри дека побарал од Владата да најде начин на опозцијата да и ги испраќа и редовно да ја информира за законските измени кои ги подготвува пред тие официјално да влезат во парламентот.