Македонија
30. July 2021 - 20:09

Џафери најави избори на 17 октомври, претседателот нема да стави потпис на Изборниот законик ако не се промени прагот

Собранискиот спикер Талат Џафери ќе ги распише локалните избори на 6 август. Датумот за одржување на изборите останува 17 октомври согласно роковите на Уставот и Изборниот законик, вели Џафери.

Од друга страна, неизвесно е дали на локалните избори ќе се оди со новите изборни правила. Џафери не сакаше да прецизира дали измените на Изборниот законик кои екпересно влегоа во парламентот  ќе бидат донесени пред годишниот одмор на пратениците кој почнува на 1 август.

Не постојат законски пречки тие да бидат донесени и по одморите откако изборите веќе ќе бидат распишани, но собранискиот спикер вели дека во тој случај може да има проблеми во спроведувањето на новите правила непосредно пред изборите.

Измените на Изборниот законик се заглавени во Комисијата за политички систем поради 720 амандмани на Левица, но и поради рекациите на помалите партии. Теи реагираат на прагот од 2 отсто за поднесување на независна листа, за 3 отсто праг за префериран советник, потоа за распределба на медиумското време, но и за казните за политичко рекламирање на социјални мрежи.

Неофицијално, во последен момент се прават напори за преговори и договор со Левица за измените на Изборниот зоконик да бидат донесени вечер или најдоцна утре. Од Левица велат дека не попуштаат.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се подготвени да се согласат за намален праг за независните листи. Од СДСМ пак, не сакаат да ги откријат позициите, но се надеваат на напредок.

На измените на Изборниот законик на помалку од 3 месеци пред изборите, како и праговите за независни и советнички листи реагираше Антикорупциската комисија. Претседателот Пендаровски пак, најавува дека ако измените поминат ваква како што се нема да го потпише указот за прогласување на законот.