Македонија
7. јуни 2023 - 14:24

Џафери: Мора да се ослободиме од размислувањата дека националните малцинства се грижа на нивните „матични држави“

Фактот што земјава е меѓу првите потписнички на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа во 1996 година говори многу за нас како демократска земја, за нашето уставно уредување и за сите нас како луѓе, порача претседателот на Собранието Талат Џафери на свечената седница во законодавниот дом со која се одбележа 25-годишнината од стапувањето на сила на Рамковната конвенција. 

-Кога распадот на некогашна Југославија во чиј составен дел бевме и ние, ги изнесе на површина сите видови на дискриминација и непочитување на правата на малцинствата, ние бевме сведоци на тоа. Сведоци бевме и на конфликтот во 2001 година по што беше потпишан Охридскиот рамковен договор, актот кој што ја промени иднината на нашата земја и истовремено беше наш најдобар патоказ за обезбедувањето на стабилноста, одржливоста и конструктивниот дијалог. Тоа беше договор кој што овозможи простор за третирање на прашањата во однос на почитувањето на правата на сите заедници, на правичната и соодветна застапеност, вклучувањето во политичкото и институционалното одлучување, рече Џафери. 

Сега, додаде, ја живееме реалноста по имплементацијата на Договорот кој влијаеше и врз подигнувањето на граѓанската свест дека придонесот на секој еден граѓанин во земјава е еднаков.

-Тука сме и сега кога клучните принципи и универзални права на малцинствата како човековите права и нивното доследно спроведување се исто толку релевантни и денес, во 2023 година. Ова не се прашања на поединци, на одредени групи или само на една држава. Ова се прашања кои ја засегнуваат целата меѓународна заедница која мора да води грижа за правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, за нивната заштита и еднаков пристап на сите нивоа на општеството, посочи Џафери. 

Нагласи дека мора да се ослободиме од тесногледите размислувања дека националните малцинства се грижа на нивните „матични држави“. 

-Тоа се граѓани на државата во која што живеат, работат, придонесуваат и плаќаат придонеси за напредокот и развојот на таа држава. Истата таа држава има одговорност да обезбеди еднаков пристап до правата на малцинствата затоа што на тој начин ќе го поттикне и чувството на доверба, лојалност, поголема одговорност и љубов кон земјата. Тоа, по автоматизам ќе произведе релаксирани односи меѓу заедниците, стабилност во политичките односи и чувство за заедничко градење на нешто убаво, истакна Џафери.