Македонија
14. September 2018 - 10:52

Џафери-Мичел: Очекувања за позитивен исход на претстојниот референдум

Претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со помошник-државниот секретар на САД Вес Мичел, истакна дека со посетите на високите американски претставници, се докажува посветеноста на нашиот стратешки партнер за унапредување на интеграцискиот процес на Македонија во НАТО и ЕУ.

Како што соопшти кабинетот на Џафери, ова е уште една во низата посети на официјални лица од САД како потврда на јасната, силната и недвосмислена поддршка за Република Македонија. 

- Во продолжение, Џафери рече дека приоритет на новото мнозинство е реализацијата на стратешката цел на Република Македонија, а тоа е полноправното членство во НАТО и затоа претходно фокусот беше насочен кон подобрување на односите со соседите. Првин се потпиша Договорот за пријателство со Република Бугарија, а потоа и Договорот со Република Грција, за да се надмине и последната пречка во реализацијата на целта, се наведува во соопштението од Кабинетот на Џафери.

Според соопштението, Мичел рекол дека јавноста во Република Македонија е веќе свесна за тоа колку силно САД го поддржуваат Договорот од Преспа и ја подвлекол важноста на позитивниот исход на претстојниот референдум, имајќи предвид дека тоа е во полза на државата.

Тој, како што се посочува, истакна дека САД и понатаму ќе пружи недвосмислена поддршка за напредокот на Република Македонија, уверувајќи дека фокусот на неговата земја за Регионот е константен и непроменет.