Македонија
21. July 2017 - 11:09

Џафери локалните избори ќе ги распише на 6 август

Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА вели дека е задоволен од она што досега е направено во Парламентот и покрај последиците од настаните од 27 април, кога беше неговиот избор. Локалните избори, доколку се оди по планот, ќе ги распише на 6-ти август, а по овој датум годинава би можел да започне и одморот за пратениците. 

- Покрај сите нешта што внатре се случуваа, јас можам да кажам дека сум задоволен од она што е направено досега, имајќи ја предвид онаа моја определба на почетокот Собранието да поприми друга слика од јавноста во контекст на отворањето, транспарентноста на работа на Собранието, на вклученоста на сите во работата на Собранието, рече Џафери. Ја започнавме идејата, посочува, за отворање на пленарните седници за присуство на граѓаните, првично со активисти на парламентарните партии, а за во иднина најави можност граѓаните да се пријават за учество на сесиите.

Во контекст на односот владејачко мнозинство наспроти опозиција и покрај сите предизвици, претседателот на Парламентот, посочи дека успева да менаџира со ситуацијата. - Мислам дека е направен чекор и опозицијата да ја види својата улога и придонес и мислам дека сме на добар пат тоа и да се дообработи, рече Џафери.

За тоа дали има опструкции во работата, потенцира дека не би можел целосно да каже дека имало обид за опструирање. 

- Во досегашниот начин на однесување на опозицијата не би можел целосно да кажам дека е тоа обид за опструирање. Се е тоа во рамки на она што може да се смета како дозволено однесување на опозицијата во смисла на потребата за дебата и во тој контекст можам да кажам и можам да бидам благодарен и на опозицијата што до крајна инстанца не опстојуваше во оние, да кажеме, индиректни намери со пријавувањето на голем број на говорници и во соодветно време со соодветна комуникација успеавме и успеваме да менаџираме соодветна динамика на случувањата на нештата во Собранието, рече Џафери.

Како еден од предизвиците за Собранието, според него, е изборот на потпретседатели, за што вели дека доколку дојде до договор меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, точката би можела да биде вратена на дневен ред. 

- Одлуката за бројот на потпретседатели е надлежност на претседателот на Собранието. Но, тоа не е потреба на претседателот на Собранието, тоа е работа на политички договор на партиите учесници во работата на пленумот. Координаторите на политичките партии на мнозинството предложија и побараа од мене да има четири потпретседатели. Но, бидејќи мнозинството бара да има четири потпретседатели, како нивен меѓупартиски договор, со Деловник и со Устав, е определено еден од потпретседателите биде од најголемата опозициона партија. До бројката пет така е дојдено. И во тој контекст гледајќи ги реакциите на опозицијата првично за да ја одблокирам работата на седницата која што беше свикана, сметав дека е целисходно времено да се повлече одлуката, партиите да си ги преиспитаат своите намери, своите потреби и доколку опстојуваат на тие потреби, јас сум должен пак да го испочитувам тоа, рече Џафери. 

 

Локалните избори претседателот на Парламентот ќе ги распише на 6-ти август, според сегашниот план и доколку нема промени во одржувањето на овие избори на 15 октомври. До одењето на одмор на пратениците што ќе биде после 3-ти август, според најавите на Џафери би требало да бидат завршени продолженијата на петата седница за избор на директор на Агенцијата за државни служабеници, шестата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлески и да продолжи седницата за избор на заменици генерални секретари и да се донесат измените на Кривичниот законик, како и да се отвори дебата за точка на предлог на опозицијата. Ребалансот на Буџетот треба да се изгласа на 3-ти август.

- Ако вака останат работите 6-ти август е краен рок да ги распишам локалните избори и со тоа да почнат да течат роковите и организацијата во однос на локалните избори и потоа би работеле до почетокот на предизборната кампања до 25 септември. Во тој период би ги разгледале новите предлози на Владата што ги најавува, околу 30 закони, дел од предлог-законите што се процедура од пратениците, би ги завршиле преостанагтите седници односно точки, главно извештаи на соодветни институции и тоа од прилика би била динамиката до локалните избори, изјави Џафери. 

Во интервјуто тој посочува дека Собранието реално има потреба од вработувања, но дека засега дал обврска само да се направи анализа на систематизацијата и на вработените во Собранието и да се види можноста за хоризонтално поместување на вработените. За потребите на Парламентарниот институт, како посебна организациона единица подготвено е барање за шест нови вработувања.