Македонија
24. јуни 2021 - 11:29

Џафери ќе ги распише локалните избори на на крајот на јули или почетокот на август

Претседателот на Собранието Талат Џафери на крајот на јули или почетокот на август ќе ги распише локалните избори што треба да се одржат во втората половина на октомври. Тоа, како што истакна, ќе зависи од информациите кога завршуваат мандатите на градоначалниците.

На средбата со новинарите, претседателот на Собранието рече дека нема да остави простор некој да искористи некој формален аспект на „пропуст” што потоа би бил подлога за суштински аспект со што би го довел во прашање целиот изборен процес.

Тој предупреди дека доколку изборите би се одржале на 17 октомври, тогаш изборната кампања би можела да се поклопи неколку дена со пописот на населението, што завршува на 30 септември.

-Кога ќе дојде време ќе пуштам писмо до ДИК во однос на роковите и мандатите, рече Џафери.

На 1 јули започнува комисиската дебата за ребалансот на Буџетот. Во тие десет дена нема да има пленарни седници освен ако има нешто итно, досава тој. До 1 јули би требало да се одржи седница за една од интерпелациите поднесени од опозицијата.

Претседателот на Собранието посочи дека во законодавниот дом не се стигнати предлозите за еколошката такса на горивата и за намалуање на ДДВ кај струјата и оти не знае кога би биле ставени на дневен ред на седница.

Џафери на 28 и 29 ќе биде во Брисел на покана на претседателот на ЕП Сасоли. На 28 во Брисел ќе се одржи конференција на претседатели на Парламенти на која ќе учествуваат сите претседатели на собранијата од земјите од Западен Балкан. Оттаму, Џафери вели дека ќе бидат упатени пораки до ЕУ по последната одлука за недобивање датум за Македонија и Албанија.

Џафери го дели мислењето дека проблемот е во ЕУ и принципот на едногласност. Од педесетите години, кога е основана Унијата, околностите се променети и очигледно е дека тој принцип на едногласност е проблематичен. Но, ние не треба да се откажеме од европските вредности, вели претседателот на Собранието.

Во однос на разговорите со Бугарија и дали Парламентот во Скопје ќе се вклучи на некој начин во овој процес, Џафери рече дека нашето Собрание го ратификувало Договорот со Бугарија и оти владите се тие што разговараат за ова прашање.