Македонија
20. September 2019 - 16:13

Џафери го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за анкетна комисија за увид во работата на СЈО

Владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ се плаши да дозволи увид во работа на специјалното обвинителство и парламентот да расправа за тоа, обвинува ВМРО-ДПМНЕ откако собранискиот спикер Талат Џафери го врати предлогот на пратеничката група за формирање на Анкетна комисија за работата на СЈО.  ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од намерата Собранието да расправа за незаконско, нестручно и несовесно работење и постапување на СЈО.

„Сметаме дека власта доколку држи до својот глас за разрешување на Катица Јанева за незаконско, несовесно и нестручно работење треба да дозволи формирање на анкетна комисија и треба да дозволи расправа за оваа точка па ако сакаат СДСМ и ДУИ нека гласаат против. Ако имаат доволно аргументи дека СЈО работело законито, дека Катица Јанева работела совесно, стручно и законски, ќе имаме расправа на дневен ред и на пленарната седница нека се изјаснат нека гласаат воздржано или против, но нека не го ускратуваат правото да се расправа за ова и да ги понудиме аргументите во таа насока“.

Милошоски вели дека забелешките на Џафери биле чисто формални и небитни,  а се сомнева дека нив ги сугерирала генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова од СДСМ само за да се врати предлогот.  Иваниова пак, ги отфрла ваквите наводи и вели дека се политички игри.

Од кабинетот на Џафери пак, стојат на ставот дека предлог-одлуката има недостатоци, а собранискиот спикер забележува и на некористење на уставното име на државата во предлог одлуката на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, и во дописот на Џафери не секогаш се корсти уставното име, бидејќи во Деловникот за работа на парламентот се уште не се направени измени.

Во меѓувреме од Јавното обвинителство информираше дека од СЈО презело 171 предмет. Од нив веќе три се со правислни пресуди, а 20 се во фаза на судење, додека другите се или во предистражна или истражна постапка. Досега со овластувањето на јавниот обвинител Љубомир Јовевски, четворица поранешни обвинители во СЈО продолжија да ги застапуваат предметите кои и досега ги водеа.

Се уште нема закажана и средба на работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за законот за обвинителство  со кој треба да се реши судбината на овие предмети и начинот на работа и избор на прв човек на обивнителството за организиран криминал и корупција. Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат дека го кочат преговарачкиот процес.