Македонија
23. September 2021 - 16:40

Џафери го одби барањето за анкетна комисија по трагедијата во Тетово, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе ново со уставното име

Собранискиот спикер Талат Џафери како неуреден го врати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на анкетна комисија за утврдување на одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово. Од оваа партија коментираат дека потегот на Џафери е тактички за одбегнување на одговорноста.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на брифинг потврди  дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе достават нов предлог и дека е подготвен да ја сноси политичката цена за користењето на „Северна“ само за да се открие вистината за смртта на 14 невини луѓе. Тој и понатаму семета дека покрај политичката одговорност, материјалната одговорност за случајот треба да се бара во министерот за здравство Филипче, но и сите под него.

Мицкоски коментира дека Министерството за здравство не изготвило правилник со кој ќе се утврдат сите потребни документи за издавање на решението за изградба и употреба на модуларните болници, што било законска обврска. Според него нелогично е и тоа што Филипче треба да го изготви ваквиот технички правилник што вообичаено би го правеле инженери или пак, министерството за транспорт и врски.

Од опозициските Алијанса на Албанците и Алтернатива сметаат дека документите што протекоа во јавноста точно ја лоцирале одговорноста за изградбата и употребата на модуларната болница.

Филипче, пак, уште стои на ставот дека истрагата ќе го каже последниот збор околку одговорноста. За довербата која му ја укажува премиерот Зоран Заев и покрај трагедијата во Тетово, вели дека сепак, никој не е незаменлив.

Две недели по трагедијата се уште нема резултати од итсрагата која ја води обвинителството, ниту извештај од германските истражители вклучени во постапката.