Македонија
23. January 2019 - 16:25

Џафери го најави албанскиот како втор службен јазик до крајот на месецот во Собранието

Не постојат конфликти во Владата, функцинираме тековно тврди владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Поинаква слика во јавноста оставаат настапите на премиерот Зоран Заев и вицепрмеиерот Бујар Османи за употреба на законот за јазиците.

Во основа не постојат некои конфликти или судири како што пишуваат медиумите. Вчера имавме владина седница на која работите функционираат редовно и тековно. Како некој толкува одредени изјави, тоа сепак е во рамки на слободата на изразување. Во секој случај, работата на Владата како институција е тековно и немаме никакви проблеми

Според изјавите на Заев и вицпремиерката Радмила Шеќеринска, венецијанската комисија ќе го проверува целиот закон плус дополнителните спорни членови: за парите и за амблемите на војската и полицијата.

Вицепремиерот Османи, пак, ретерираше од претходниот став дека законот не треба да биде испратен до меѓународното тело додека професорката Каракамишева е негов член, но се уште има разлики со премиерот Заев.

- Немаме недоразбирања, може да има различни интерпретации за тоа кој член треба да се прати во венецијанската комисија... мислам дека тоа што треба да го оценува Комисијата се двата члена кои се успорени, а нормално е да се поднесе целиот закон за да се провери суштината. Не мислам дека Венецијанската комисија треба да оценува колку и каде треба да се употребува албанскиот јазик, тоа го уредува Уставот и измените направени после  2001.

И неговиот лидер Ахмети излезе со став дека во Венецијанската комисија испратен е само делот за две прашања. Лидерот на ДУИ вели дека законот е договорен со колициските партнери и за да биде поништен или укинат ќе е потребно бадентерово мнозинство.

Собранискиот спикер Талат Џафери оценува дека Владата имала право да го испрати законот на проверка. Албанскиот јазик како службен јазик во законодавниот дом ќе се користи отакако собраниските служби ќе се подготват за тоа.

- Јас сум ги користел комбинирано двата јазика уште од 2017 кога бев избран. И кога немаше закон ја водев седницата комбинирано. Немало пречка околу тоа. Но како законодавен дом, мораме да почекаме законски да се имплементира

Законот за употреба на јазиците беше објавен во Службен весник на РМ на 14 јануари годинава само со потпис на Џафери. Професорот Кекеновски и ВМРО ДПМНЕ до Уставниот суд поднесоа иницијатива за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците.