Македонија
15. November 2017 - 17:08

Џафери-Дезир: Успехот на реформата зависи од целосното спроведување на законите

 - Успехот на реформата не зависи само од донесувањето на закони, туку и од нивното целосно спроведување, констатирале на денешната средба во Скопје претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери и претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Арлем Дезир.

Џафери, како што соопшти неговиот кабинет, изразил задоволство од повторната средба со  Дезир, овојпат во својство на претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите. Тој нагласил дека Собранието на Република Македонија ги поддржува активностите и мисиите на ОБСЕ во регионот и редовно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, потсетувајќи дека токму Собранието беше домаќин на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ во октомври минатата година, кога се дискутираше за зајакнување на мерките за градење доверба и доброто владеење во регионот на ОБСЕ.

Џафери нагласил дека отвореноста и транспарентноста на Собранието на Република Македонија кон медиумите, кон невладиниот сектор и кон граѓаните, е целосно унапредена во однос на претходниот период и го информираше дека голем број невладини организации ги одржуваат своите настани во законодавниот дом. Покрај тоа, агендата на претседателот е достапна на интернет-страницата на Собранието, а граѓаните можат по електронски пат да се пријават за присуство на седниците или да постават прашања до пратениците.

Дезир изразил задоволство од позитивните промени и напредокот во Република Македонија од неговата последна посета на земјата. Според него, во време кога слободата на медиумите е сe повеќе под притисок во регионот на ОБСЕ, особено е значајна функцијата на парламентите во донесување на соодветно законодавство за заштита и безбедност на новинарите. Тој информирал за средбите со невладините организации и претставниците на јавниот радиодифузен сервис и оцени дека е неопходно обезбедување на стабилни финансии за МРТ, со цел да се обезбеди професионализам, независна уредувачка политика и квалитетна програма. Тој нагласи дека во ерата на интернет медиуми и лажни вести, значајно е да се има силен и неутрален јавен радиодифузен сервис.

Џафери го информирал Дезир за процесот на проектирање, изготвување и донесување на буџетот на Република Македонија, како и за процесот на јавни набавки. Тој констатирал дека буџетските корисници треба да имаат слобода да располагаат со средствата за покривање на потребите, а регулативата треба да биде прецизна, јасна и едноставна.

На средбата станало збор и за настаните на 27 април 2017 година, во кои цел на напади покрај пратениците, беа и новинарите. Било истакнато дека е неопходно инцидентите да бидат целосно истражувани, а сторителите соодветно казнети.

Соговорниците разговарале и за реформата во медиумскиот сектор, а особено за измената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се вградени забелешките на ОБСЕ, медиумската заедница и експертската јавност и се согласиле дека успехот на реформата не зависи само од успешното донесување на закони, туку и од целосното спроведување на законите, како и контрола на имплементацијата.