Македонија
21. July 2017 - 16:24

Џафери: Ако се оди според договорот, локалните избори ќе ги распишам на 6 август

Локалните избори ќе бидат распишани на 6 август, најави денеска Талат Џафери во интервју за МИА.

„Ако вака останат работите на 6 август е краен рок да ги распишам локалните избори и со тоа да почнат да течат роковите и организацијата во однос на локалните избори и потоа би работеле до почетокот на предизборната кампања до 25 септември.“ – вели Џафери.

Иако во својата изјава, Џафери остава простор за поместување на роковите, од двете најголеми политички партии ги отфрлаат сите сомнежи. И во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ велат дека се подготвени на 15 октомври да излезат на локалните избори. Од опозициската партија уште еднаш го повторија барањето заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори. Според нив, кога владата ја води СДСМ, за предвремени парламентарни избори се водат според девизата што побрзо, тоа подобро.
И во СДСМ се подготвени за локални избори, но кога станува збор за парламентарни, на Бихаќка нема расположение

Во албанскиот политички блок молк. Ниту во ДУИ, ниту пак во БЕСА денеска не одговорија на прашањата на Сител, дали се подготвени за избори на 15 октомври и каков е нивниот став за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ со локалните избори да се одржат и предвремени избори.
Македонската политичка сцена веќе има дебело искуство со закажување и одложување на изборните процеси. Последните парламентарни избори беа закажувани и одложувани во неколку наврати, а истата судбина ја имаа и локалните избори поради што, актуелните градоначалници и советници рушат рекорди кога станува збор за должината на траењето на еден мандат.