Македонија
8. September 2020 - 9:56

Џафери: 8 Септември e најзначајниот ден за развојот на нашата држава

- Заедно како семејство треба да се справуваме и да растеме со сите предизвици и кризи, а 8 Септември е најзначајниот ден за раст и развој на нашата држава, вели во честитката собранискиот претседател Талат
Џафери по повод Денот на независноста.

- Заедно, растеме, се справуваме секојдневно со секакви предизвици, ситуации, кризи од секаква природа, и тоа го правиме заедно, како семејство затоа што тоа е најдобриот начин, така сме најсилни, и така сме непобедливи. Ниту еден предизвик не е доволно голем за моќта и нескршливоста на единството, па дури ни пандемијата на КОВИД – 19 која надвиснала над целата Земјина топка и ги става на тест здравствените и економските системи на државите. Ќе го надминеме и ова, заедно, сплотени, со целосно почитување на здравствените и други протоколи, иако тоа значи целосно менување на нашиот воспоставен начин на живот каде топлата прегратка е најдобриот лек за секоја тешкотија. Ќе продолжиме да праќаме добри, позитивни мисли кои ќе шират енергија која обединува и дава сила. Иако школското ѕвоно оваа година ќе ѕвони подоцна и поинаку, на сите ученици и студенти им посакувам успешна учебна година и желбата за знаење нека им биде единствен патоказ низ животот.

Републиката, низ годините, доживеа и преживеа низа кризи, дури и конфликт, меѓутоа, секогаш го знаеше својот пат и правец и целта која ја имаше како водилка на тој пат. Доказ дека е на вистинскиот пат е и овогодишниот огромен успех, полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, моќниот воено-политички сојуз, и тоа е успех за нас, за безбедноста и сигурноста на државата. Продолжуваме понатака, кон следната цел, кон следниот успех, полноправното членство во Европската Унија. За тој сон да стане реалност, мораме да ја задржиме истата динамика, истиот жар и посветеност и секако, верба дека ќе успееме. А ќе успееме ако изградиме силни, функционални институции кои во секој миг, во секој агол од оваа наша прекрасна татковина, ќе работат и придонесуваат подеднакво, искрено и транспарентно, ќе ги третираат нашите граѓани и нивните права на правичен начин пишува Џафери во честитката.

 

Катерина Нешкова