Свет
23. January 2017 - 11:09

Џафари: Прекин на огнот треба да има во цела Сирија, освен на териториите каде дејствуваат терористите

Режимот за прекин на огнот во Сирија треба да биде воспоставен во целата земја, со исклучок на териториите каде дејствуваат терористички групи, како што се Исламска држава и „Џебхат Фатах аш Шам“, изјави за време на преговорите во Астана шефот на сириската владина делегација Башар Џафари, кој е постојан претставник на Дамаск во ОН.

Тој истакна дека истото треба да важи и за други групи, кои не се приклучиле кон договорот за прекин на огнот во Сирија.

Преговорите во Асатана се водат зад затворени врати. На нив не се предвидени директни разговори меѓу делегациите на сириската Влада и опозиција, иако тие седнаа на заедничка маса.

Казахстанскиот министер за надворешни работи Каират Абдрахманов ги повика денеска учесниците во преговорите да постигнат напредок во решавањето на сирискиот конфликт.

Претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, пак, истакна дека средбата во Астана е одличен пример за напорите на меѓународната заедница да се најде решение за сириската криза.