Свет
13. October 2016 - 9:20

Џабер ал Бакр најден мртов во ќелијата на затворот во Лајпциг

Сирискиот мигрант Џабер ал Бакр (22), осомничен дека планирал терористички напад врз аеродромот во Берлин, се самоубил во својата ќелија, во затворот во Лајпциг, соопштија германските власти.

Министерството за правда на покраината Саксонија соопшти дека Ал Бакр бил најден мртов, по што полицијата и властите започнале истрага.

Во понеделникот тој беше предаден на полицијата од страна на тројца сириски бегалци, откако два дена Ал Бакр беше во бегство.

Германската полиција го надгледувала подолго време, но не успеа да го уапси, во неделата, во текот на извршената рација во неговиот стан.

Неделникот „Шпигел“ во своето интернет издание тврди дека од моментот кога Ал Бакр бил уапсен, тој одбивал да прима храна и штрајкувал со глад.

Германската разузнавачка агенција минатата недела добила сознаија оти Џабер ал Бакр подготвува терористички напад и за тоа ја алармирала полицијата во Саксонија.

Властите веруваат дека младиот Сириец за нападот се подготвувал користејќи сознанија на интеренет, околу тоа како се прави бомба во домашни услови, постојат сознанија и дека испитувал неколку видови експлозив.

Во текот на рацијата и претресот во неговиот стан, полицијата открила 1,5 килограми експлозив, од истиот тип како оној користен при ланските терористички напади во Париз и нападите во март, во Брисел.

Германските медиуми пишуваат дека успеал да ја избегне мрежата што околу него ја поставила полицијата, па побарал помош од сириските бегалци во Лајпциг, но тие знаеле за потерата по него, па и го предале на полицијата.

Безбедносни експерти веруваат дека Ал Бакр бил во врска со џихадистите од групата Исламска држава (ИД).