Балкан
29. January 2019 - 13:58

Ѕанакопулос: Полека и двете земји ќе се усогласат со Договорот од Преспа

Се наоѓаме во преоден период и господинот Заев има право да го користи уставното име, полека полека, сите во двете земји ќе се усогласат со она што го предвидува Договорот од Преспа, вели портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Реал фм“, во однос на реакциите во Грција дека македонскиот премиер наместо за Северна, говори и на Твитер пишува за Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

-Мислам дека нашите соседи ќе покажат добра волја. Формално, господинот Заев го има тоа право сѐ додека не се завршат конкретните процеси и формалните  постапки и сум апсолутно убеден дека господинот Заев ќе го покаже политичка волја како што направи во минатото. Се наоѓаме во еден апсолутно преоден период и мојата проценка е дека полека полека, од ден на ден сите, и во Грција, а посебно во Северна Македонија ќе се усогласат со она што го предвидува и она што го наметнува Договорот од Преспа, вели Ѕанакопулос.