Балкан
2. January 2018 - 13:08

Ѕанакопулос: Каменос нема да биде пречка за решение на името

Надеж дека 2018 би можела да биде година кога би се затворило прашањето за името, изрази портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за државната телевизија ЕРТ, јавува дописникот на МИА од Атина.

Тој рече дека годинава постои прозорец за можност за решение и ја повика опозициската Нова демократија да се сети на внатрепартиските несогласувања во 1992, токму поради името и објасни дека Панос Каменос, нема да биде пречка за решение.

- Во текот на 2018 година, ако се земе предвид и позитивната позиција што ја следи политичкото раководство на ФИРОМ, постои, се отвора, еден прозорец за можност да се реши проблемот што е нерешен веќе 25 години и во нашата земја и во соседната земја. Моето мислење е дека треба да го искористиме овој прозорец за можност, треба да ги најдеме најсоодветните услови и најсоодветниот процес, за да тргнеме кон решение на проблемот, рече портпаролот на владата на Грција.

Во однос на позицијата на коалицискиот партнер во владата, Панос Каменос и неговиот став дека нема да прифати име со терминот Македонија, Димитрис Ѕанакопулос, објасни дека во владата соработуваат партии кои имаат различни политички ставови и различно политичко потекло, но оцени дека лидерот на Независни Грци, сепак нема да биде пречка за договор.

- Каменос рече и нешто друго, дека штом постои вкупен консензус во политичкиот систем, тој самиот нема шанси да биде пречка во решавањето на прашањето, објасни Ѕанакопулос, додавајќи дека според неговите проценки, ќе има можност да се постигне колку е мошно поширок консензус во Грција, за да се искористи прозорецот за можност за решавање на проблемот со сложено име, додаде портпаролот на грчката Влада.

Димитрис Ѕанакопулос, во интервјуто, пренесува МИА, ја коментираше и позицијата на Нова демократија, која упорно бара од владата да излезе со заеднички став за името. Рече дека опозициската партија ја заборава нејзината приказна, заборава дека одигра огромна улога во 1992 за прашањето да остане нерешено 25 години.

Портпаролот на грчката Влада ја потсети Нова демократија дека Константинос Мицотакис, како премиер, и Андонис Самарас, како министер за надворешни работи, како дел од истата еднопартиска влада, на состанокот на лидерите на политичките партии, настапиле со две различни позиции.