Македонија
5. March 2021 - 16:38

Двојно убиство во Скопје - Застрелани две момчиња во своето возило

Локвите крв и стакло од изрешетаниот автомобил сведочат за убиството кое го потресе Топанско поле. Смртно застрелани биле 24 годишниот Бурим Вардар и 28 годишниот Африм Бериша. Двојното убиство се случило после 2 часот по полноќ на улицата пет која се спојува со булеварот Македонско-косовска бригада.

Безживотните тела на двајцата скопјани биле пронајдени во автомобил „Цитроен“ со скопски регистрации. Околу возилото полицијата пронашла повеќе чаури од пиштол и автоматска пушка.

Полицијата засега нема информации кој и зошто пукал кон автомобилот во кој се наоѓале двете лица.. Пукањето ги разбудило жителите на населбата.. Пред камерата на Сител сведочат дека слушнале рафални истрели.

Ова е втор инцидент со огнено оружје неделава. Во понеделникот полицаец беше повреден во Ѓорче откако во него било пукано од автомобил во движење. Во врска со случајот полицијата приведе двајца косовски државјани, но обвинителството ги ослободи бидејќи немало докази дека тие пукале во службеното лице.