Свет
29. July 2016 - 11:43

Двојно убиство поради долг од 12 денари

Трговец од северот на Индија со секира убил двајца сопружници поради долг од 15 индиски рупии (20 евро центи), соопшти денеска локалната полиција.

Станува збор за средовечна брачна двојка од пониска каста, кои живееле во сојузната држава Утар Прадеш. Минатата недела тие купиле стока од локалната продавница и го замолиле 60-годишниот сопственик да почека за парите неколку дена.

- Немилиот настан се случил изутринава, кога тие тргнале да одат на работа. Сопственикот на продавницата настојувал тие да му ги исплатат парите, а тие пак, го молеле долгот да го вратат подоцна. Тогаш тој се разгневил и ги нападнал со секира. Се разбеснил поради долгот и ги убил, изјави одговорниот инспектор.

Кусо по инцидентот, убиецот е уапсен, а пронајдено е и оружјето со кое го извршил двојното убиство.

Годишно во Индија се случуваат стотици убиства во афект, и тоа неретко заради ситници.