Македонија
27. September 2021 - 21:05

Движењето „Одлучно за промени“ го започна изборниот караван: Време е да престане бетонизирањето на секоја слободна површина во градовите

Време е да престане бетонизирањето на секоја слободна површина во градовите, време е навистина да понудиме и за нас и на идните генерации, чист воздух за да останат здрави. Време е да го поттикнеме органското производство на храна, затоа што тоа е иднината, не само кај нас, тоа е иднината на глобално ниво. Време е да вложиме повеќе во развојот на еко-туризмот. Време е конечно да ги ги дигитализираме нашите општини, бидејќи и ние и поколенијата коишто доаѓаат по нас сакаат да живеат во модерни современи средини, истакна лидерката на ДОМ Маја Морачанин, на вечерашниот митинг со кој се означи стартот на изборниот караван на движењето „Одлучно за промени“, водено од ДОМ и ЛДП.

Таа нагласи дека нивното Движење навистина е е одлучно да донесе промени во сите македонски општини.

–  Навистина сме одлучни да ги донесеме промените во нашите општини за кои сите мечтаеме и кои ни се на сите нас потребни, за да можеме да имаме еден здрав, квалитетен живот, да гледаме среќни луѓе на на нашите улици, потенцираше Морачанин.

Лидерот на ЛДП и кандидатот за градоначалник на Битола на Движењето „Одлучни за промени“, Горан Милески посочи дека направиле една моќна политичка групација на силни индивидуи, интелектуалци, луѓе кои размислуваат со сопствената глава.

– Сакаме граѓаните да бидат на прво место, нивните интереси, потреби и барања. Сакаме да живееме во места кои ќе зрачат со топлина и светлина. Места во кои ќе има зелени паркови и детски катчиња, места каде нема да има загаден воздух, застој во сообраќајот, гужви на шалтерите. Сакаме градоначалници кои водат грижа за нашите возрасни граѓани, за пензионерите. Сакаме да направиме општини каде нема да мора да фаќате врски да запишете дете во градинка, каде нема да ви требаат врски да најдете место во старски дом. Општини кои ќе овозможат нашите идни генерации да спортуваат и да водат здрав живот, нагласи Милески.

Тој наведе дека нудат тим на советници во 51 општина. Нудиме кандидати за советници, како што рече, кои ќе бидат чувари на интерсот на граѓаните.

– Тоа ќе бидат луѓе кои јавниот интерес ќе го стават пред личниот и пред партискиот. Нудиме 18 кандидати за градоначалници кои ќе работат за вас за граѓаните. Општините ќе бидат отворени за граѓаните, отворени за приватните иницијативи кои не го загрозуваат јавниот интерес, истакна Милевски.

Тој посочи дека нивните вредности се се брза дигитализација која ќе доведе до ефикасна администрација, општини кои нема да се потпираат само на изворните приходи туку ќе бидат активни во привлекување на средства од ЕУ фондовите и приватните иницијативи, чист и зелен град, развој на туризмот и спортот.

– Во оваа кампања ќе го искористиме секој ден за промоција на нашите вредности, заложби и проекти. Нема да дозволиме да не вовлечат во негативна кампања но ќе реагираме на шпекулациите и невистините кои ќе ги пласираат нашите конкуренти кои се во насока на збунување на нашите гласачите. Почитувани граѓани, на 17 октомври ве повикувам масовно да излезете на гласање. Да гласате за луѓе во кои имате доверба, за луѓе кои ги познавате и кои знаете дека нема да ве изневерат. Да гласате по сопствено убедување а не заради тоа што некој така ви рекол од партијата. Да гласаме сите за бројот 2 и да ги поддржеме овие луѓе кои се спремни целосно да се вложат за своите општини за своите граѓани, заклучи Милевски.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје Арбен Бени Шакири истакна дека вечерва е тука во Скопје со цел д се обиде да го побара гласот на граѓаните на градот Скопје.

– Да им покажам после 30 години дека може да имаат најдобар градоначалник. Како натпартиски кандидат поддржан од ДОМ и од ЛДП. Ниту сум најмудар, ниту најпаметен, но сум длабоко убеден дека ќе бидат најчесниот и најдоблесниот градоначалник кој досега овој град го имал. Затоа ве повикувам на 17 октомври да го пренесете овој глас онаму каде што можете и каде што влијаете, да го дадат гласот за нашата коалиција, сите знаедно да бидеме одлучни во промената која ја заслужуваме, потенцираше Шакири.

Кандидатот за носител на листа на Советот на Град Скопје Никола Пановски нагласи дека кандидатите од Движењето се луѓе од народот и блиски до народот.

– Како советници ќе знаеме да придонесеме што е добро за градот и за народот општината и државата. Тука сме да му дадеме на народот можност да избира, можност да гласа да гласа „за“. Да види дека постојат и политики и партии и движења кои промовираат чиста и слободна мисла, кои почитуваат стручност, храброст и одговорност. Лица со чист образ и со интегритет, рече Пановски.

Теодора Димитровска, кандидатката за градоначалник на колаицијата за Куманово потенцираше дека младите се тие кои што треба да бидат гласно слушнати.

– Ние сме вистински креатори на промените. Ние не нудиме празни решенија, ние нудиме конкретни решенија, потенцираше таа.

Кандидатката за градоначалник на Кисела Вода, Ѓулистана Марковска посочи дека Движењето „Одлучни за промени“ е во коалиција со граѓаните.

– Она што во овие избори ние ќе го покажеме ќе го покажеме како коалиција со граѓаните, дека не постојат борби и непријателства меѓу партиите, постојат само различни идеи и постојат конкуренти. Оние коишто ќе победат нека ги претставуваат вистински граѓаните, рече Марковска.

Кандидатот за градоначалник на Штип  Мартин Каровски истакна дека избори не смеат да се добиваат со неколку кубици бекатон плочки и со цртање пешачки премини.

– Да, сме имале и власти кои започнувале капитални проекти, но потоа ќе се сменела гарнитурата или само првиот човек во неа и тие проекти ќе застанеле таму каде што стигнали. Вака со локална самоуправа не се раководи и знам дека на добар процент од граѓаните тоа им е совршено јасно, нагласи Каровски.