Македонија
23. April 2017 - 16:06

Двете најголеми македонски градежни фирми и една италијанска ќе го градат новиот клинички центар

За два месеци почнува изградбата на новиот Клинички центар. Најголемиот објект во македонското здравство ќе го градат Гранит и Бетон во конзорциум со италијанската  компанија ИНСО.

Тие го добија тендерот вреден 72 милиони евра. Грандиозната градба според министерот Тодоров ќе биде круна на здравствениот систем и ќе ги подигне критериумите и стандардите во лекувањето.

Надлежните уверуваат дека целата досегашна постапка е во постојана координација и со одобрување од Банката за развој при Советот на Европа.

-Со ова сакам да ги негирам сите оние шпекулации кои беа во јавноста. Оваа понуда е избрана како најприфатлива за доделување на договорот за изведба, а истовремено ги исполнува сите услови кои се предвидени за изградба на вакви комплексни објекти, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.

Изведувачите на почетокот прво ќе обезбедат времени пристапни патишта во рамки на Клиничкиот центар како и дислокација на амбулантите за неврологија, кожно и очно. Потоа продолжуваат со следната фаза кога треба да ги срушат постојните згради, од кои некои се стари повеќе од 50 години.

-Последователно, во третата фаза изведувачот ќе започне со ископ и обезбедување на градежна јама, како и сите последователни градежни активности на новиот објект. 

Тоа значи дека од самиот почеток ќе се работи темелно на сите подготвителни активности пред самото отпочнување на градежните работи, изјави Тодоров.

Новиот најсовремен Клинички центар ќе биде со едно подземно ниво,приземје , девет ката и современ  хелиодром за транспорт на пациенти. Одделите за интензивна нега ќе бидат во вид на кабини за по еден пациент што за прв пат ќе биде применето во јавното здравство. На површина од 2000м2, на објектот се предивени и кровни градини.

Изградбата треба да заврши за 4 години.