Свет
15. September 2016 - 18:43

Две жртви во експлозија на туристички брод во Индонезија

Две лица загинаа во експлозија на мал туристички брод крај брегот на индонезискиот остров Бали, соопшти локалната полиција.

При експлозијата се повредени 14 лица, кои се префрлени на лекување во болница.

Претставник на полицијата изјави дека станува збор за несреќен случај, кој бил предизвикан од краток спој на акумулаторите сместени во близината на резервоарот за гориво.

Индонезиските безбедносни власти ја отфрлаат можноста експлозијата да е резултат на подметната бомба или на терористички напад.

Бродот превезувал 30 туристи, меѓу кои имало и многу странци. На бродот имало и четворица членови на екипажот.

Туристите биле од Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Португалија и Ирска. Првично беше соопштено дека еден од загинатите е Германец, но тој податок никој не го потврди.

Експлозијата се случила на 200 метри од пристаништето Паранг Баи во источен Бали.

Во терористички напад на индонезиски милитантни исламисти во 2002 година на островот Бали, беа убиени 202 лица, најголемиот број од нив странски туристи.