Македонија
15. March 2020 - 16:53

Две трудници меѓу седум нови сомнителни случаи- на тестирање лица од неколку градови кои се вртатиле од странство

Седум нови сомнителни случаи на коронавирус, меѓу кои има и две трудници од Дебар. Останатите, еден е од Охрид кој работел во Дебар, а другите се македонски државјани од Штип, Куманово, Тетово и Кичево кои се вратиле од Швајцарија, Австрија и Германија. Повратниците по неколку дена од враќањето развиле температура и се наоѓаат во одделите за изолација. Според нивните кажувања, тие се ставиле во самоизолација откако се вратиле.

-Вчера се донесени во Дебар, едната во болницата во Охрид, другата е тука во Скопје. Тие се во оддел за изолација, се во стабилна состојба, не се непосредно пред породување, меѓутоа, ги донесовме тука за да се направат тестовите и да бидат спремни за породувањето, рече Филипче.

Здравствената состојба на сите 13 пациенти кои во моментот се на Клиниката за инфективни болести е стабилна, вклучително и пациентката која е на респиратори. А првата пациентка која веќе е негативна на коронавирусот утре ќе биде испишана и испратена  на домашно лекување.

-Само првата пациентка од Дебар е на респираторна машина со значајно подобрување на параметрите после приклучување на механичката вентилација, но со се уште непредвидлива прогноза заради тоа што оваа ситуација многу често непредвидливо доаѓаат компликациите во текот на лекувањето, рече Филипче.

Министерот Филипче информира дека на Клиниките се одложуваат сите хронични пациенти, на кои може да се одложи интервенцијата, а ќе се третираат само итните и малигните случаи каде нема простор за одложување.

И клиниката во Козле ќе се подготви за примање на деца евентуално заболени од коронавирусот.

-Сите сега хоспитализирани пациенти во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат префрлени на лекување на клиниката за педијатрија со цел да децата бидат изолирани од возрасните доколку имаме таков пациент, но и од останатите деца од друга патологија кои што се лечат на клиниката на педијатрија, рече Филипче.

Филипче инфомираше дека во земјава има 120 респираторни машини, од кои 90 се во Скопје. Целиот медицински персонал и од јавниот и од приватниот сектор се мобилизира и се ставаат на располагање согласно оперативниот план за делување. Приватните болници од минатата недела ги ставија на располагање сите капацитети, вклучително и околу 70 легла со респираторни машини.