Свет
20. February 2016 - 12:22

Две смртни казни за нарко дилери во Индонезија

Во градот Медан, на индонезискиот остров Суматра, судот вчера изрече две смртни казни и една доживотна робија на тројца шверцери на дрога.

Едниот нарко-дилер бил висок полициски службеник, кој организирал транспорт на 10 килограми метамфетамин од Малезија. Неговиот син, кој му помагал, е осуден на доживотен затвор.

Ова се првите најстроги казни изречени годинава во Индонезија, каде што на судење чекаат педесетина други нарко дилери. Меѓу нив има и странски државјани.

Поради големиот број нарко-зависници, кој надминува пет милиони, Индонезија не отстапува од изрекувањето на најстрогата казна за нарко-дилерите. Во специјалниот затвор на островот Чилпак извршување на смртна казна чекаат 38 шверцери на дрога, меѓу кои има и 14 странци.

Во април минатата година беше извршена егзекуција на осум затвореници, од кои седуммина беа странски државјани.