Македонија
6. јуни 2016 - 14:14

Две награди за Женскиот младински хор при МКЦ на фестивалот во Вроцлав

Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар, под диригентската палка на Сашо Татарчевски, освои две високи награди на шестиот меѓународен хорски натпревар во рамките на фестивалот „Вратиславиа Сакра“, кој од 3 до 6 јуни се одржа во Вроцлав, Полска.

Како што соопшти Министерството за култура, настапот на Женскиот младински хор на фестивалот во Вроцлав е во рамките на манифестацијата „Вроцлав - европска престолнина на културата за 2016“. Во конкуренција на хорови од повеќе европски држави, Женскиот младински хор при МКЦ освои две први места во категориите на еднородни хорови и госпел и спиритуал.

Диригентот Татарчевски, пак, доби три награди за најдобар диригент од три различни жири-комисии на Музичката академија во Вроцлав.

Оваа меѓународна активност, која беше поддржана во Годишната програма на Министерството за култура, претставува огромен успех во меѓународната афирмација на македонската хорска уметност особено ако се земе предвид дека Женскиот младински хор при МКЦ е еден од ансамблите со најдолга традиција во Република Македонија. Овој женски хорски состав во својата четиридецениска историја освоил многубројни награди на фестивалите во светот, меѓу кои се и златните медали на натпреварите во Чешка и во Хрватска, како и трите високи признанија на меѓународниот хорски натпревар „Ливиу Борлан“ во Баја Маре, Романија.