Македонија
30. September 2020 - 21:16

Две години од референдумот за промена на името – поборниците и противниците останаа на своите ставови

Референдум, две години потоа. На двегодишнината од граѓанското изјаснување за Договорот од Преспа, мислењата ниту денес не се разликуваат од 30-ти септември 2018-та година.

За едните - историски и патриотски чин со кој ги остваруваме стратешките цели, за другите – противуставно предавство извршено со менување на уставното име. Ниту тогаш, ниту сега најголемите политички партии немаат консензус околу тоа што е постигнато и каква е оваа постреферендумска Македонија.

Коалиционите партнери СДСМ и ДУИ покренаа широка кампања за поддршка на преспанскиот Договор, закажувајќи консултативен референдум со прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. 

Одлуката беше оспорена пред Уставниот суд, а мнозинството судии реши дека одлука да се распише референдумот не е противуставна.

Опозицијата, пак, предводена од ВМРО ДПМНЕ се реши за бојкот, што резултираше со 36 отсто излезност, од кои над 91 процент или 609 илјади граѓани гласале дека го прифаќаат Договорот од Преспа.

За резултатите се изјасни и Државната изборна комисија. Од ДИК заклучија дека референдумот не е успешен, бидејќи на него не гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список.

Неколку месеци подоцна, Собранието ги усвои уставните амандмани предвидени со Договорот од Преспа и Република Македонија го смени државното име во Република Северна Македонија, име со кое земјава влезе во НАТО.

Две години потоа, премиерот Заев посочува дека Договорот со Грција во својата суштина ја има иднината на нашата држава.

“Патот кој води до сигурна евроатлантска иднина доби повеќе гласови од победниците на сите парламентарни избори во историјата на независна Македонија. Резултатот на референдумот беше сигнал дека пратениците во Собранието имаат обврска да ја следат мнозинската волја и тие ја прифатија историската одговорност која се исправи пред нив. Во парламентарниот дом беа донесени храбри одлуки чии благодети граѓаните веќе ги чувствуваат”, наведува Заев во објавата.

Двегодишнината беше искористена и од оние кои силно се противат на настаните кои следуваа по септември 2018-та ги нарекуваат. За нив, извршено е обезличување на македонскиот народ.

Денот кога беше прекршена волјата на македонскиот народ симболично е одбран да се искаже и незадоволството од повеќе актуелни теми поврзани со укинувањето на слободата и правата на македонскиот народ, како што велат организаторите на собирот.