Свет
9. December 2017 - 12:13

Двајца загинати при израелски воздушни напади во Појасот Газа

Двајца припадници на палестинското радикално Исламско движење на отпорот (Хамас) загинаа денеска при израелски воздушни напади во централниот дел на Појасот Газа.
 
Воздушните напади на израелската Армија врз цели во Појасот Газа претставуваат одговор на трите истрелани ракети од оваа палестинска енклава кон територијата на Израел, по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим за израелски главен град.    
 
Во соопштението на Вооружените сили на Израел се наведува дека цели на воздушните напади биле четири објекти на Хамас, кои биле користени како воени магацини и погони за производство на оружје. 
 
Како одговор на ракетните напади, како што претходно јави МИА, израелски авиони вчера бомбардираа камп за обука и складиште за муниција на Хамас во Појасот Газа. Според палестински извори, при овие напади биле ранети најмалку 15 лица.
 
Израелските безбедносни сили вчера убија двајца демонстранти, кога отвориле оган врз групи Палестинци кои протестираа во Појасот Газа крај границата со Израел, поради одлуката на Вашингтон. При инцидентите се повредени уште најмалку 16 лица. 
 
По повод американската одлука, Палестинците вчера прогласија „Ден на гневот“, во чии рамки беа одржани протести во повеќе делови на Западниот Брег и во источен Ерусалим. При судири на демонстрантите со израелските безбедносни сили беа повредени најмалку 217 Палестинци.
 
Протести поради одлуката на Трамп за прознавање на Ерусалим за главен град на Израел вчера се одржаа во повеќе арапски и муслимански земји.
 
Стотици луѓе учествуваа на протестите организирани од страна на иранските власти за солидарност со Палестинците во Техеран и повеќе други градови во Иран.
 
На протестите беа палени американски знамиња и фотографии од Трамп и беа извикувани слогани како „Долу Америка", „Долу Израел" и „Ерусалим ќе биде ослободен".
 
 
Протести поради одлуката на Трамп беа одржани и во Бејрут, Дамаск, во палестинските бегалски кампови во Либан и Сирија, како и во Јордан, Египет, Индија, Авганистан и Пакистан.
 
Неколку стотици муслимани синоќа одржаа молитва на плоштадот „Лафајет“ пред Белата куќа во Вашингтон, изразувајќи го на тој начин својот протест поради одлуката на Трамп. 
 
Дел од учесниците на протестот носеа шалови во боите на палестинското знаме, а на собирот беа истакнати и транспаренти со осуда на „еврејската колонизација на Источен Ерусалим и Западниот Брег“.
 
Главниот палестински преговарач Саеб Ерекат синоќа изјави дека Палестинците нема да разговараат со САД се додека американскиот претседател Трамп не ја промени својата одлука за Ерусалим.
 
Ерекат во изјава за телевизијата Ал Џазира нагласи дека во сегашните околности палестинското раководство „ги разгледува сите опции“ како можен одговор на одлуката на Трамп. 
 
Тој сепак одби да посочи кои се опции ги разгледува Палестинската автономна управа.
 
 
Трамп во средата донесе одлука за признавање на Ерусалим за израелски главен град и му нареди на Стејт департментот да почне постапка за преместување на Амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во „Светиот град“