Свет
3. July 2020 - 15:22

Двајца загинати и 73 повредени при експлозија во турска фабрика за пиротехника

Две лица загинаа, а 73 се повредени при серија експлозии во фабрика за пиротехнички средства во градот Хендек, во турската провинција Сакарија.

Претходно беше објавено дека се повредени 56 лица, а повеќе од 150 работници останале блокирани под урнатините на фабриката.

Градоначалникот на Хендек, Тургут Бабаоглу изјави за државната телевизија ТРТ дека се прават напори за ставање на ситуацијата под контрола.

Голем број работници успеале да го напуштат објектот за време на инцидентот.

Веднаш се ангажирани десетици пожарникарски и спасувачки екипи, како и возила на итна медицинска помош.

Турските министри за внатрешни работи, за здравство и за труд заминале за Сакарија.

Експлозијата во Хендек се слушнала на далечина од десетина километри, објавија локалните медиуми.