Македонија
15. February 2020 - 16:42

Двајца убиени во казино на Качанички пат- вооружената група е во бегство

Пукање од автоматско оружје, физички напад, насилство и згаснати два млади живота. Ова е трагичниот епилог од вооружениот грабеж кој изутрината се случи во казиното “Вегас”, лоцирано на Качаничкиот пат кој води кон Косово.

Во сцена како од акционен филм, вооружената група криминалци со молскавична брзина влетале во објектот, решени што побрзо да дојдат до пленот.

Часот е четири по полноќ, а во казиното до тој момент владее мирна атмосфера. Позади апаратите за играње е само еден човек, 22-годишен косовски државјанин. Опслужуван е од двајца вработени, а внатре е и еден член од обезбедувањето.

Без претходно предупредување и закани разбојниците решаваат да отворат оган, по што животот го губи единствениот гостин. Момент подоцна од физичка повреда паѓа и втората жртва.

“Во казино на ул.„Јадранска магистрала“ во Скопје влегле четири вооружени лица и почнале да пукаат кон присутните, при што го погодиле В.Х.(22) од Косово, кој починал на местото. Додека, според пријавеното, Б.Н.(20) од с.Крушопек, скопско, ангажиран како приватно обезбедување во казиното, со кундак бил удрен во главата, по што и тој починал”.

Групата напаѓачи со себе го носи прометот од 10 илјади евра и бега во непознат правец.  

“Казиното позади мене се наоѓа во близина на македонско косовската граница и не е првпат да биде мета на грабеж. Овојпат, завршницата имаше најсериозен и трагичен крај”

Едно од убиените лица во грабежот е пеливанот и перспективен борач Бујамин Нуиши, од скопското село Крушопек, кој немал шанси да се спротистави на групата напаѓачи. Иако физички силен, 20-годишниот Нуиши не успеал да го преживее силниот удар во главата, добиен од металниот кундак.

Целиот напад го преживеле двајца вработени кои успеале да се скријат од напаѓачите. Полицијата засега нема осомничени и работи на нивно откривање.