Свет
6. November 2015 - 11:42

Двајца претседателски кандидати на Филипините со ДНК ќе го докажуваат сродството со диктаторот Маркос

Двајца кандидати за претседател на Филипините го прифатија предизвикот со ДНК анализа да ги потврдат тврдењата дека потекнуваат од ист татко - поранешниот диктатор Фердинанд Маркос.

Синот на диктаторот Фердинанд Маркос јуниор и сенаторката Грејс Пое, за која се тврди дека е вонбрачна ќерка на дикатаророт, со анализата ќе покажат дали „урбаната легенда“ декa Пое е „плод на љубовта“ меѓу неколкудеценискиот претседател на Филипините и позната артистка.

Фердинанд Маркос јуниор, кој е на 58-годишна возраст, изјави дека со задоволство ќе даде свој примерок за анализа, но дека не е сигурен што тоа ќе значи за неговата евентуална трка на претседателските избори закажани за идната година.

Неговата ривалка Грејс Пое, која има 47 години, за медиумите изјави дека резултатите од ДНК тестот и емотивно и политички ќе и значат многу. Според сенаторката, ако се докаже дека таа ја нема крвта на Маркос, голем дел од демократски настроените Филипинци ќе гласаат за неа.

Приказните за тоа дека Грејс Пое е вонбрачна ќерка на Маркос, на Филипините се актуелни уште од шеесеттите години на минатиот век кога се појавија првите информации дека бебето, најдено пред вратите на една црква во Манила, всушност е ќерка на позната филмска ѕвезда и нејзиниот љубовник. Приказната, како и во секоја теленовела, продолжува со тоа што Грејс ја посвојува познатиот глумец Ромеро Пое, чија популарност посвоената ќерка ја искористи за доста успешна политичка кариера.