Свет
18. October 2017 - 18:14

Двајца поранешни словачки министри осудени на затвор

Двајца поранешни словачки министри се осудени на казна затвор затоа што само на огласна табла објавиле тендер во вредност од 120 милиони евра и со тоа го намалиле бројот на потенцијални учесници на тендерот.

Тогашните министри за градежништво Маријан Јанушек и Игор Стефанов од Словачката народна партија се осудени на 12 и девет и пол години затвор и на парична казна од по 30.000 евра.

Тие во 2007 година објавиле тендер за правни и рекламни услуги за Министерството за градежништво само на една од огласните табли во Министерството, со што значително го намалиле бројот на потенцијални учесници на тендерот.

Како единствен учесник на тендерот, победила фирмата која била поврзана со тогашниот лидер на нивната пртија Јан Слот и ја добила работата вредна 120 милиони евра.

Судијата кој претседаваше со случајот истакна дека тие постапиле „спротивно на принципот за транспарентност“ затоа што не го понудиле тендерот на начин кој би им овозможил на поголем број заинтересирани да се пријават.

Во времето кога бил објавен тендерот Стефанов бил висок функционер во Министерството, а го наследи Јанушек откако бил отпуштен од тогашниот премиер Роберт Фицо.