Македонија
19. May 2020 - 19:31

Двајца починати, 22 нови случаи и 50 излекувани во изминатото деноноќие

Првата битка ја добивме, но борбата се уште не е завршена, кажа министерот за здравство на денешната прес конференција, но не најави олабавување на рестриктивните мерки воведени поради Ковид 19. Филипче чека одговор на писмото што го испратил до неговиот грчки колега, дали македонските граѓани без тест за корона ќе патуваат во Грција.

-Денеска официјално го испративме писмото, врз основа на заклучоците од нашиот состанок, во кое чекаме грчкиот колега повратно да ни одговори на дефинитивниот став за тоа како ќе се минуваат границите, односно дали тоа ќе може да биде без тестови, потоа за начинот како ќе се скрати времето на чекање на самите гранични премини, да се избегнат големите гужви што сметаме дека е ризик и за опцијата да се пружи бесплатно лекување на сите заболени од неколку околни земји, заради тоа што тој документ потоа сакаме да го дадеме и на други соседни земји ако некој заболи од коронавирусот, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

На владина седница надлежните одлучиле да го прифатат предлогот на епидемиолозите за нормализирање на јавниот градски и меѓуградски превоз во Куманово.За отворањето на угостителските објекти, како и полицискиот час за време на продолжениот викенд утре ќе одлучува Комисијата за заразни болести и владиниот кризен штаб. Дознаваме дека дел од функционерите барале четиридневен карантин како што е најавен за во Турција.

- Го најавивме отворањето на угостителските објекти во оваа недела, но во текот на  дискусијата ги имавме предвид и претстојните празници за време на викендот, така што во текот на утрешниот ден ќе ја знаеме дефинитивната одлука согласно стручните препораки, изјави Филипче.

Министерот за здравство вели дека најголем број од последните случаи на заразени се поради приватни групирања и собири. Здравствените власти очекуваат дека наесен е можно да има и втор бран на вирусот и затоа го подготвуваат и здравствнеиот систем. Денеска пристигна и донација од Катар која се состои од осум тони заштитна опрема.

И додека Филипче вели дека ја имаат епидемијата под контрола, денешната статистика покажува дека бројот на заболени не се намалува и изминатото деноночие има 22 ца новодијагностицирани како и 50 оздравени пациенти. Во Гоб 8ми септември починале двајца заболени од Тетово и од Скопје.