Македонија
26. April 2020 - 16:54

Двајца починати, 19 новозаболени и 126 излекувани од Ковид-19

Министерот за здравство тврди дека шпекулации се датумите за скоро одржување на изборите и воопшто на Комисијата за заразни болести и во Кризниот штаб не разговарале за тоа.

- Имаме одлични резултати, но премногу е рано да зборуваме за олабавување на мерките и организирање на еден таков настан како што се избори. Сè уште е рано да предвидуваме што било на таа тема. Фокусирани сме на тоа какви ќе бидат мерките во текот на летото и по летото. Тоа се нашите активности“, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Поради сликите на кои се гледа дека граѓаните не ја почитуваат мерката за задолжително користење на заштитна опрема , министерот за здравство најави дека ќе побараат од Владата казнувањето за неносење маски да почне што поскоро, не после 1 мај.

- Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести достават предлог до Владата санкционирањето за неносење заштитна опрема да почне веднаш, односно утре или најдоцна во вторник. Сакам повторно да апелирам дека оваа мерка мора да се почитува и дека заштитната опрема се носи така како што е пропишано – на затворено и на отворено кога не може да се држи физичка дистанца од 2 метри, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Како ќе се спроведува  полицискиот час за првомајските празници Филипче рече дека ќе зависи од однесувањето на граѓаните наредната недела дали ќе ги почитуваат мерките.

Рекордни  126 оздравени пациенти, 19 новозаразени и 2 смртни случаи. Ова е билансот со коронавирусот изминатото деноноќие во Македонија. Најмногу односно 72-ца кумановци го победиле вирусот.

Во ГОБ „8 септември“ починаа 2 лица, пациентка од Липково на 49 години, која била хоспитализирана пред 3 недели во тешка состојба и веднаш ја пориклучиле на респиратор и маж од Скопје на 73 годишна возраст.

Новите 19 случаи се откриени преку направените 335 тестирања. Вкупната бројка на заболени од Ковид-19 достигна 1386. Досега во земјава 500-тини лица се избориле со вирусот..

Во моментот на болничко лекување има 100 пациенти со коронавирус, од нив 12 се критични и на механичка вентилација. Меѓу ново хоспитализираните е и родилка од Скопје.