Македонија
11. July 2018 - 16:15

Двајца од обвинетите за убиството на Саздовски на распит - дали ОЈО ќе го преквалификува делото?

Прв распит на двајцата осомничени за насилство  со смртни последици врз 21 годишното момче Никола Саздовски.

Во обвинителството по претходно договорен термин, за ова кривично дело денеска дојдоа двајцата осомничени кои беа спроведени од притворските келии во Шутка. Во скопското обвинителство на  20 и 21 годишните напаѓачи им биле презентирани доказите против нив. Адвокатот на второ осомничениот вели сеуште е рано да се каже дали ќе биде преквалификувано делото за кое ќе го брани клиентот.

Од обвинителството велат дека интензивно се преземаат истражни дејствија кои опфаќаат сослушување очевидци и други лица, како и прибирање материјални докази.

–„Во тек на вчерашниот ден  пристигна извештајот од наредената обдукција на починатото лице и претстои негово разгледување. По прибирањето и анализата на сите докази ќе може да биде донесена јавнообвинителска одлука во однос на кривичната одговорност на лицата и  правната квалификација  на кривичното дело.“

Извештајот на судската медицина покажа дека Никола Саздовски починал од повреди на мозокот. По десет дена во кома им подлегна на повредите кои му ги нанеле тројцата осомничени. МВР сеуште трага по еден од нив. ОД ВМРО ДПМНЕ реагираат зошто полицијата нема распишано меѓународна потерница по третиот осомничен.

ДУИ изрази писмено сочувство до семејството на момчето и очекуваат брзо, правично и ефикасно спроведување на правдата за насилната смрт на Саздовски. 

-  Сакаме да упатиме апел кој ќе води кон смирување на овој револт, апел за воздржување од провокации, особено апел за воздржување од пораките на омраза и нетрпеливост, кои претставуваат основа за ваквите насилни и немили настани“ порачаа од партијата на Ахмети.

Никола Саздовски беше погребан вчера а пред Собранието граѓани, пријатели и навивачите на Комити палеа свеќи и мирно протестираа оддавајќи му чест на момчето кое беше претепано до смрт.