Македонија
2. March 2020 - 16:33

Двајца доктори во карантин поради корона вирусот

Двајца лекари од скопските клиники ќе бидат во 14 дневна домашна изолација откако по враќање од конференција во Мадрид е потврдено дека еден од предавачите на конгресот бил заразен со корона вирус. И покрај изјавите на специјалистите дека немале близок контакт со заболениот и шансите според министерот Филипче да бидат заразени се многу мали, сепак, денеска биле на Инфективна за тестирање од ковид 19.

- Преку СЗО вчера не известија дека двајца наши лекари биле на конгрес во Мадрид, а вчера еден од предавачите заболел од коронавирусот. Докторите стасале касно во земјата, во сабота вечер и дома се, не биле на работа и  немале контакт голема бројка на луѓе. Тие се денеска тестирани на Инфективната клиника, и ќе им се препише здравствен надзор од 14 дена. Со тој предавач тие немале контакти или со друг заболен со симптоми, а мала е и изложеноста од ден и половина, па мал е и ризикот да бидат заразени или преносители на вирусот, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Единствената заболена со корона вирус во земјата е во добра здравствена состојба и како што вели министерот Филипче, 50 годишната жена е во фаза на опоравување. Нема промени ниту кај 12-те лица кои се во изолација а од десетината автобуси кои викендот поминале на Табановце, никој од патниците не пријавил дека имал контакт со заболен во северна Италија.

И додека здравствените власти велат дека превентивните мерки што ги преземаат функционираат на терен, се уште нема податок дали и кој прави злоупотреби со заштитните маски и средствата за дезинфекција. Од Министерството за здравство велат дека се уште не завршиле контролите во аптеките за каде голем број граѓани тврдат дека цените на овие средства се драстично зголемени.

-Од она што досега го контролирале нема некои драстични промени, но секако, мора да завршат контролите, вели Филипче.

Надлежните тврдат дека во ИЈЗ има околу 1000 тестови за корона вирус и досега ги употребиле кај 13 лица.