Свет
6. May 2021 - 10:25

Двајца американски туристи осудени на доживотен затвор за убиство на италијански полицаец

Двајца американски туристи се прогласени за виновни за убиството на италијански полицаец во јули 2019 година во Рим и осудени се на доживотен затвор.

Финеган Ли Елдер, кој имал 19 години за време на убиството, призна дека со нож го прободел полицаецот Марио Черчиела Рега во раните утрински часови на 26 јули 2019 година, додека неговиот пријател Габриел Кристијан Најтал-Хорт, кој тогаш имал 18 години, се расправал со друг офицер.

Меѓутоа, двајцата Американци тврдеа дека дејствувале во самоодбрана затоа што верувале дека полицајците, кои не носеле униформи, всушност биле крадци кои сакале да ги ограбат по неуспешниот обид да купат дрога.

Судот ги отфрли нивните сведочења и ги осуди на најстрогата можна казна во Италија.

Осудениците на доживотен затвор можат да бидат ослободени со условна казна по издржување на 21 година, во случај на добро однесување.

Младите Американци, исто така, беа прогласени за виновни за обид за изнуда, напад, пружање отпор на јавен службеник и носење „нож за напад” без оправдана причина.