Македонија
12. October 2015 - 18:02

Двајца адвокати од Штип фалсификувале податоци на 124 полицајци

Преку злоупотреба на лични податоци на 124 полициски службеници, двајца штипски адвокати го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи за повеќе од 3 милиони денари. Осомничените своерачно ги потпишале полномошната за застапување на полициските службеници и во нивно име поднеле тужби против МВР за наплата на неисплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, на додатокот на плата за кои претходно биле донесени правосилни решенија. Двајацата адвокати ќе одговараат за „злоупотреба на службената положба и овластување“, за „злоупотреба на лични податоци“ и за „фалсификување исправа“.

„Со фалсификат и без знаење на полициските службеници ги употребувале нивните потписи во понатамошни тужби пред надлежните судови во Република Македонија со кои што барале исплата на одредени суми пари од Министерството за внатрешни работи на име на наводни штети кои им се направени на оштетените полициски службеници. Главно станува збор за процеси кои се водени во врска со исплата на храна, превоз и други дополнителни обврски кои ги има МВР“ рече Иво Котевски, помошник заменик министер за односи со јавност.

Еден од осомничените адвокати веќе има богато криминално досие. Против него се поднесени повеќе кривични пријави, во најголем дел за измама, оштетување туѓи права, прикривање, злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина, како и за загрозување на безбедноста на сообраќајот.