Македонија
17. January 2019 - 13:47

Дваесетина проценти од паркираните возила во Кавадарци се неподвижни

Дваесеттина проценти од централното градско подрачје на Кавадарци е зафатено со возила што се неподвижни. Ова го покажала анализата на кавадаречката локална самоуправа, пред стартот на зонското паркирање во градот, кое треба да го реши проблемот со паркирањето.

-Имавме манифестација во градот и требаше да се отстранат возилата од главната улица. За три возила моравме да викнеме пајак од Скопје да ги отстрани, затоа што нивните сопственици веќе беа по два или три месеци надвор од државата, а возилата им беа паркирани во централното градско подрачје, откри градоначалникот Митко Јанчев.

Анализите покажале дека со зонското паркирање, ситуацијата со паркинг места ќе биде многу покомотна во централното градско подрачје и ќе се создаде ред при паркирањето.

-Формирано е јавно претпријатие за паркирање. Со пајак возило ќе се отстрануваат непрописно паркирани возила. Оние што се паркирани на пешачки премини, тротоари, зелени површини и слично. На почетокот тоа нема да се наплатува, во период од месец и пол до два, појасни градоначалникот.

За оваа година тој најави и нова катна гаража за околу 150 возила, а уште еден кат ќе добие и веќе постоечката катна гаража, со дополнителна можност за паркирање на уште 100 возила. Со изградбата на градскиот пазар, исто така ќе се обезбеди простор за паркирање на околу двеста возила.

-Цената за зонско паркирање ќе биде симболична, бидејќи имаме јавно претпријатие кое нема да оди кон некоја голема профитабилност. Целта е да има ред и култура во сообраќајот и паркирањето, дециден беше Јанчев.

Во изјава за МИА, револтирани кавадарчани реагираат поради несовесноста на поединци, кои паркираат возила на најфреквентни места во Кавадарци и забораваат на нив.

-Има возила што стојат со месеци без да бидат помрднати. На одредени локации мораме да ставаме столчиња за да обезбедиме паркинг место, незадоволни се тие.
Има и дуќанџии кои се жалат дека нивните клиенти, особено лицата со посебни потреби се спречени да ги користат нивните услуги, токму поради немањето паркинг место.

Некои од нив истакнуваат дека голем број кавадарчани милуваат да паркираат кај полициската станица оти таму сметаат дека им е најбезбедно, иако на само неколку метри има катна гаража со слободни паркинг места.